Првиот роман посветен на Блаже Конески „Излезе сејачот да сее“ на Паскал Гилевски беше промовиран деновиве во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“. Во своето најново дело авторот, преку дневнички записи, презентира широка слика на многубројни животни стории, дилеми, процеси, јанѕи и возбуди на великанот од Небрегово.
„Од спонтаните средби и непосредно водените дијалози со Блаже Конески, како вешт прозен мајстор, Гилевски на страниците од романот презентира мноштво дилеми и јанѕи што го опседнувале Конески во неговиот живот, неразделно сврзани со судбината на македонските состојби. И во ова најново дело доаѓа до израз раскажувачката вештина на авторот, проткаена со богат и цизелиран јазик, со мноштво нови, досега непознати зборови и раскошни лексеми, што придонесуваат тоа да се чита во еден здив и со возбуда. Воедно и читателот да го спознае Конески како ретко едноставна и харизматична личност“, посочуваат од „Матица“.
Како што ќе истакне, пак, рецензентката Весна Мојсова-Чепишевска првиот и досега единствен роман за Конески – „Излезе сејачот да сее“ со сите свои фикциски и фактички моменти претставува вистински споменик за македонскиот писател и лингвист.
„За оној Конески што не го познаваме, за оној Конески надвор од сите негови книги, статии, песни, граматики, истории што ни ги остави во аманет“, наведува универзитетската професорка Мојсова-Чепишевска.
Според неа, романот на Гилевски е граден низ силна дијалошка форма на повеќе култури.
„Па така, овде не разговара само Гилевски со Конески, туку разговараат и Блаже Конески и Иво Андриќ, Блаже Конески и Мирослав Крлежа, Ѓула Илјеш и Блаже Конески, Конески и Шандор Петефи, Конески и Ласло Наѓ, но и Конески и Пол Елијар на ‘закажаните средби’ од страна на Паскал Гилевски, исто онака како што на маса во кафеана наздравуваат францускиот коњак, чашата џин и шишето кавадаречко црвено вино. Овде разговара македонската култура преку своите најеминентни претставници и со унгарската, француската, грчката, српската (па) и бугарската култура“, напоменува Мојсова-Чепишевска.
Поврзувајќи го насловот на романот со параболата за сејачот од Новиот завет, односно за семето кое и покрај сите неуспеси, на крајот успева да пушта корен и да дава голем принос, да дава храна која ќе ги храни и телото и душата, Мојсова-Чепишевска укажува на прашања на кои поттикнува делото на Гилевски: Беше ли таков сејач нашиот Конески и остави ли безброј оптимистички параболи?
Според рецензентката, поупатениот читател ќе се насочи и кон краткиот осврт или малиот есеј на Конески, со ист наслов како и овој роман „Излезе сејачот да сее“, првично објавен во списанието „Одјек“, во 1979 година.
„Во тој текст, христијанската парабола за сејачот, Конески ја употребува со цел отворено да зборува за литературното влијание и низ метафоричната слика за семето како збор да го искаже своето противење кон ставот дека литературното влијание е некаков механички процес. Впрочем, ова е и клучната идеја која ја носи целата приказна во романот ‘Излезе сејачот да сее’ на Паскал Гилевски“, нагласува Мојсова-Чепишевска.