„Овие дела ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера на интерес како уметник е – човекот, кој ѝ е бескрајна инспирација“, се вели во најавата на настанот
„Живееме во општество што изобилува со теми кои се мошне интересни за нас уметниците. Едноставно човек само не треба да затвора очи пред секојдневните предизвици“, кажа во едно од своите интервјуа за весникот ВЕЧЕР, македонската уметница Тања Балаќ. Токму со проекција на нејзините 10 видеоуметнички дела „Луцидни соништа“, во Кинотеката на Македонија, на 19 септември (20 часот), таа ќе одбележи 10 години создавање на полето на видеоуметноста.
Како што посочуваат организаторите на настанот станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму.
„Кон крајот на првата деценија на 21 век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе почнува да се интересира и за видеоуметноста. Овие дела ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко. Но секогаш во фокусот на нејзината сфера на интерес како уметник е – човекот, кој ѝ е бескрајна инспирација“, се вели во најавата на настанот.
Инаку, иако сликарството ѝ е прва љубов и најсигурно се чувствува во своето ателје, процес што е испреплетен со безброј внатрешни дијалози и преиспитувања, Балаќ ужива и во процесот на создавање на експериментален филм и видео, но е децидна во ставот дека во ерата на сеприсутност на дигиталната слика за визуелните уметници е исклучително важно да не ѝ дозволат на технологијата да ги „заведе“ со сите нејзини можности.
„Постојаната желба да создавам и истражувам, всушност, ми ја дава онаа неопходна енергија која ме турка напред. Предизвик ми е секогаш да одам во нови „простори“, кои често на прв поглед се чинат невозможни за решавање. Моето творештво од секогаш се стремело кон една човечка димензија, но не во физичка смисла на зборот, ова се однесува пред сè на обемот на таа хумана перцепција и на искуствата кои се дел од неа. Ме интересира посебноста на секоја единка, нејзините сетила, и сето она што е нематеријално и минливо…“, посочи Балаќ за весникот ВЕЧЕР.
Почетоците во видеото како медиум Балаќ ги прави со видеоинсталациите „Граѓани 1“ (2014 г.) и „Граѓани 2“ (2015 г.) Првата, дава поглед на општествено- ангажираната уметност во јавниот простор и го отвора и прашањето дали екранот како симбол на потрошувачкото општество и ширење на маркетиншки пораки може воедно да биде и средство за уметничко изразување… Наредната година го создава видеото „Без приватност“ (2016 г.), кое е експериментално видео и обид да се допре една тема која не засега сите, а која укажува на комплицираноста да се мапира просторот на новонастанатата интернет дистопија и прашањето за недостиг на приватност. Веднаш потоа и „Раѓањето на нацијата“ (2016 г.), кое директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеото „Црвена земја“ (2017 г.) има минималистички пристап како свесен избор, чија идеја е да го поттикне размислувањето кај публиката, не само за рефлексијата на светот што нè опкружува самите, туку и за саморефлексијата на сопствената позиција во него. Следува „Извртена перцепција“ (2018 год.), кое може да се поврзе со почетоците на големата бегалска криза, по што го создава видеото „Меморабилија“ (2019 г.), кое ја доби наградата за најдобро експериментално дело истата година од „Вест Вирџинија маунтениер фестивал“, фестивал за краток филм во САД… Веќе нареднхата година се појавува филмот „Заглавени заедно“ (2020 г.), во кое Балаќ креира една поинаква приказна, која отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Видеото „Следната генерација“ (2022 г.) пунктуира со корпоралноста на содржината, а нејзината материјална природа е токму во антрополошкото одредиште на она што значи елемент на социјалното ткиво, самата едукација како систем на вредности и систем на разлики (Натали Р.Павлеска). За видеопроектот „Следна генерација“, Балаќ освои Гран-при на 20. „Зимски салон“ (2024 г.), кој традиционално го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
„Овој проект, кој е уште една силна критика на реалноста, поставувајќи го прашањето за суштината на реалноста во дигиталниот свет, изобилува со нагласена симболика за еден хаотичен свет преку говорот во прво лице во очите на едно дете, мултиплицирано, клонирано, со затворени очи во една заднинска хаотична мрежа на поврзувања, Маклуановски шум на информации, црно-бела подвоеност, пикселизација, срцебиење…“, вели Маја Чанкуловска,
Видеоинсталација „Вкрстени знаци“ (2023 год.) е оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов. „Овој филм отвора и едно многу поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено, што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот?“, посочува Ивица Џепаровски.
Филмот „Луцидни соништа“ (2024 г.), кој е со најнов датум, претставува заокружување или своевиден сублимат на целокупната ангажираност на уметницата во сферата на видеоуметноста и нејзината активна улога во истражувањето на полето на новите медиуми (инсталации, експериментални, документарни филмови, видеоарт…). (Д.Т.)