Проектот Пегазус ја доби наградата за истражувачко новинарство во Европа

22

Оваа награда првпат се доделува годинава, во спомен на убиената новинарка од Малта, Дафне Каруана Галициа.

Конзорциумот на европски медиуми познат како “Забранети приказни“ и нивниот проект Пегазус ја добија наградата на Европскиот Парламент за најдобро истражувачко новинарство, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа награда првпат се доделува годинава, во спомен на убиената новинарка од Малта, Дафне Каруана Галициа.

Проектот Пегазус беше објавен во јули оваа година во 15 европски медиуми здружени во конзорциумот „Забранети приказни“. Сторијата обелодени дека над 180 новинари, како и бројни шефови на држави и активисти за човекови права биле прислушкувани преку софтверот Пегазус, изработен од израелската компанија НСО.

Наградата на Европскиот Парламент изнесува 20 илјади евра и се доделува за „извонредно новинарство кое ги промовира и брани темелните вредности и принципи на Европската Унија како што се човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права“.