Греам Кинг, продуцент на познатиот филм „Боемска рапсодија“ за животот на фронтменот на групата “Квин“ Фреди Меркјури, кој се закити со дури четири Оскари меѓу кои и за најдобра машка улога (Реми Малик), сега снима биографски филм за кралот на попот Мајкл Џексон. Дозволата за користење на целата музика на Џексон е добиена, а сценариото го потпишува Џон Логан, познат по неговите филмови “Гладијатор“, „Скајфол“, “Последниот самурај“…

“Филмот ќе го опфати целиот живот на Мајкл Џексон, уште од најраното детство, преку успесите на „Џексон пет“ музичката група и постигнувањето на планетарната слава, па се до обвинувањата за сексуалната злоупотреба на малолетници на неговиот имот Недојдија“, пренесува The Independent.

Кралот на попот беше двапати под истрага за злоупотреба: во 1994 и 2005 година кога заврши на суд без казна.

Оваа година, HBO објави документарен филм на тема “Leaving Neverland“, во кој се дадени сведоштва од Вејд Робсон и Џејмс Сејфшак за злоупотребата. Филмот во кој во детали се опишуваат случувањата на ранчот на Мајкл Џексон, предизвика бурни реакции и негативни коментари во јавноста. ХБО, пак, доби тужба од семејството Џексон кои бараат отштета од 100 милиони долари поради објавување на документарец без нивно овластување.

Продуцентот Греам Кинг и сценаристот Џон Логан претходно соработувале на филмовите на Скорсезе и тоа на „Авијатичарот“ и „Хуго“. Засега нема информации за тоа кој ќе ја режира биографијата на Џексон, ниту пак кој ќе биде во главната улога.

И покрај сите обвинувања и контроверзии, филмаџиите и уметниците се заинтересирани да ги обработуваат темите од неговиот живот, па така и на  Бродвеј во моментов се прикажува мјузикл за Мајкл Џексон.