ПРОДОЛЖУВА ПРОТЕСТОТ НА ЖИТЕЛИ НА КАРПОШ: Прекин на опструкциите и итно донесување на нов ДУП, сличен на оној од 2016 година

5059

Продолжува протестот на граѓани на Карпош, кои решија секој ден оваа работна недела да ја блокираат улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од 14 до 16 часот, со цел што побргу да се донесе деталниот урбанистички план за тој реон на Општината и со кој ќе се одблокира постапката за изградба на зграда(и) на местото на трошните куќички, некои изградени пред половина век. – Бараме Општината да донесе ДУП во најкраток можен рок, и тоа план кој ќе биде изводлив да се реализира, а со цел да ни прекине агонијата бидејќи живееме во невозможни и нечовечки услови (малку е да се каже во супстандардни). Најблизок до потребите на нас, жителите, е ДУП-от од 2016 година, бидејќи тој беше најисплатлив за инвеститорите. Не знам што е планирано со новиот ДУП што се прави, но имам слушнато дека е со намалени маркици за градење, вели еден жител од куќарките

Продолжува протестот на граѓани на Карпош кои решија секој ден оваа работна недела да ја блокираат улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од 14 до 16 часот, со цел што побргу да се донесе деталниот урбанистички план за тој реон на Општината и со кој ќе се одблокира постапката за изградба на зграда(и) на местото на трошните куќички, некои изградени пред половина век.

Дел од граѓаните кои протестираат, веќе седум години живеат под кирија, затоа што му потпишале на приватен инвеститор да им ги урне куќите, во замена на нивното место да изгради зграда и да им додели станови. Поради укинување на деталниот урбанистички план од страна на Уставниот суд во 2016 година, поради процедурална причина (планот не бил објавен на веб-страницата на Општина Карпош), се стопирала и изградбата на зградата.  

Со тогашниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, оштетените граѓани имале неколку средби со цел да се најде решение за проблемот, но не дошло до тоа. Велат дека планот не се косел со некој закон или пропис, односно не отстапува(л) од законските норми по ниту еден основ.

Првиот ДУП за овој простор е донесен во 2009 година со одлука број 07-4157/10 од 19.11.2009 година. Изменување и дополнување на ДУП–от е донесено во 2013 година со одлука број 07-4578/6 од 05.07.2013 година. Потоа, следна измена и дополнување е направено во 2016 година со одлука број 09-89/3 од 03.01.2016 година. Откако изменетиот ДУП бил укинат од Уставниот суд, на инвеститорот и на сопствениците на куќите им било ветено од локалните власти дека ќе се донесе нов урбанистички план.

Сепак, не чекајќи го новиот план, инвеститорот ги направил сите планови и документи за да гради на парцелата од 2.370 квадратни метри по стариот ДУП и аплицирал до Општината за пресметка на комуналии и потоа добивање на одобрение за градење, но не дошло до тоа, бидејќи се пожалиле сопствениците на куќите од соседната парцела дека не смее да се гради затоа што ќе немале пристап до улица. И оттогаш состојбата е статус кво.

И додека луѓето кои протестираат бараат да продолжи градењето на зградата по стариот ДУП, оние жители кои сè уште живеат во трошните куќарки, бараат што побргу да се донесе новиот детален план со цел и тие да побараат инвеститор со кој би се договориле и нивните супстандардни објекти да бидат урнати и на нивно место да се изградат згради.

– Бараме Општината да донесе ДУП во најкраток можен рок, и тоа ДУП кој ќе биде изводлив да се реализира, а со цел да ни прекине агонијата бидејќи живееме во невозможни и нечовечки услови (малку е да се каже во супстандардни). Најблизок до потребите на нас, жителите, е ДУП-от од 2016 година, бидејќи тој беше најисплатлив за инвеститорите. Не знам што е планирано со новиот ДУП што се прави, но имам слушнато дека е со намалени маркици за градење – вели еден жител од куќарките.

Од Општина Карпош имаат разбирање за проблемот на овие жители, но сметаат дека мора да се испочитуваат законските процедури, а тоа е прво да се донесе нов ДУП, на што ќе му претходи јавна анкета и потоа изјаснување на советниците.

Протестот е и со цел јавно да го искажат својот револт од, како што велат, опструкциите и игрите што се прават во Советот на Општина Карпош. Жителка на ова маало вели дека според информациите што ги има, опструкциите ги прават советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица.

– Сметам дека им се додворуваат на гласачите за следните избори застапувајќи ја идејата за зелен град без урбана мафија, а на грбот на нас, обичните луѓе од куќите, кои чекаме сто години да ги урнат – вели оваа жителка која во трошна куќа градена пред 50-60 години живее најмалку 15 години. 

(С.Бл.)