По Ник Вилијамс, Барселона најверојатно остана без можност да го ангажира и шпанскиот интернационалец од редовите на германскиот бундеслигаш РБ Лајпциг, Дани Олмо.
Раководството на тимот од Лајпциг не сака да прифати ниту една опција кога е во прашање плаќањето на побараното обештетување. Медиумите блиски до каталонскиот гигант ги смируваа навивачите дека се ќе биде во ред, но Олмо моментално е доста далеку од дресот на Барса.
Весникот „Спорт“ ја пласираше и информацијата дека во моментов е многу тешко да се очекува дека каталонскиот гигант може да го комплетира трансферот на офанзивниот играч за врска.
„Лајпциг воопшто не ги олеснува преговорите за Дани Олмо. Не прифаќаат никакво плаќање на рати“, пренесува „Sport“ и додава:
“Во моментов Дани Олмо е многу далеку од Барселона. Лајпциг и Барса не се ни блиску до договор”.
И додека клубот очигледно не може да го заврши овој трансфер поради финансиските проблеми, претседателот на клубот Жоан Лапорта се теши со зборовите дека Барса е најголема на светот и дека може да донесе секого.
“Ние сме најуспешниот клуб во светот на спортот. Секако дека ќе купиме играч на пазарот доколку ни треба. Сепак, нашата филозофија е да откриваме и развиваме млади таленти”, изјави Лапорта.
За жал, Барселона моментално не може да реализира големи трансфери без разлика што вели Лапорта. Финансиската состојба е таква што пред се мора да продаваат играчи за да дојдат во ситуација да бидат активни на пазарот за фудбалери.
Одредени играчи се споменуваат како потенцијални „жртви“ за реализација на трансферот на Олмо, а тука во прв план е бразилскиот интернационалец Рапфиња кој е проценет на околу 60 мил. евра.