Продолжуваат протестите на приватните превозници

46

Автобусите на приватните  превозници  и утринава се на истите позиции, а блокирани се истите крстосници како и вчера: кај ТЦ „Мавровка“, Црвен Крст и булеварот „Илинден“ од фонтаната кај Градски парк до Зоолошката градина. Претставникот на приватните превозници, Кемал Муриќ од „Слобода превоз“ вели дека протестите и денеска ќе бидат во истиот обем како и вчера, а автобусите ќе останат се додека не им се исплати долгот .

-Ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во јавниот превоз, доколку ЈСП почне со исплата на неделните паушали, а потоа ќе седнеме да разговараме околу натамошната динамика на исплатата на долгот- изјави Муриќ.

На прашањето, како ќе се вклучат во јавниот градски превоз кога Град Скопје, односно градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска им го раскина договорот тој истакна дека се работи за еднострано раскинување кое ќе биде предмет на тужба.

Во текот на вчерашниот ден, преку објава на социјалните мрежи, Слобода превоз упати  извинување до граѓаните на Скопје за попреченото  движење низ градот.

– „Слобода превоз“ во име на сите приватни превозници се извинува до сите граѓани на Скопје кои денеска и се до решавање на проблемот ќе бидат попречени во нивното движење низ градот. Приватните превозници бараат подршка од сите граѓани се со цел побргу да се изнајде решение на проблемот – стои во пораката на претпријатието.

Граѓаните во меѓувреме, беа принудени да најдат алтернативи во сообраќајот, но, поради зголемената гужва низ алтернативните улици и булевари, имаше застој во поголемиот дел од сообраќајниците во главниот град, додека дел од граѓаните одбраа да патуваат со велосипеди, тротинети, или пеш кон своите дестинации.

Директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите кажа дека блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение.

Тој побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес – изјави Јовановски.

Тој соопшти дека и до „Слобода превоз“ вчера е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје, а на новинарско прашање дали има едногласност од страна на приватните превозници дека нема да се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека Градот веќе им должи пари.

– Дали овие превозници на кои веќе им се должи четири месеци ќе се пријават на некој оглас и повторно четири месеци ќе работат и финансираат во бизнисот, за повторно градоначалничката да каже дека не ги исплаќа и да ја тужат. Како може да има јавен повик и да очекува некој да се приклучи на нешто што таа нема намера да го плаќа, изјави Јовановски и додаде дека „е комотна во тој дел бидејќи нејзе финансиски не и влијае тоа и можеби нема да биде градоначалник кога ќе се реши проблемот“.

Заклучи дека приватните превозници одлучно остануваат на протест, ако е потребно ќе ги повикаат и своите деца со цел да допрат до градоначалничката и таа да види дека немаат да им обезбедат соодветен оброк за на училиште.

Oд Град Скопје не сакаа да ги коментираат, како што ги нарекоа „навредите на Јовановски, бидејќи тие кажувале многу за лицето од чија страна се изнесени“. При тоа, наведуваат дека основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните.

– Оттука, градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеаја да оспособат 130 автобуси од флотата на ЈСП, со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра и стандардизирана услуга – децидни се од Град Скопје.

Што се однесува до јавниот повик, оттаму нагласија дека тој ќе биде објавен оваа недела и тоа во согласност со одлуката на Советот на град Скопје и законските одредби.

– Единствена разлика е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна – потенцираа од Град Скопје.