Продавачите станаа луксуз, за платите што ги нудат газдите мораат сами да работат  

Платите се многу ниски, а работата е тешка, се работи и во недели и празници. Освен тоа македонските газди сè уште не ја научија лекцијата и се однесуваат како во феудализмот, односно постојано ги навредуваат и понижуваат работниците. Со ваков однос и со вакви плати уште долго ќе бараат работници, велат продавачите

380

Супермаркетите, продавниците и бутиците во градот мака мачат да најдат работници. Никој не сака да работи како продавач. Постојано има отворени нови работни места, но заинтересираноста е мала, а особено ако станува збор за продавач во прехранбена индустрија. Платите најчесто се минимални, а се работи многу и во недели и на празници.

-Не можеме да ги задржиме работниците. Доаѓаат млади луѓе да работат, ама по неколку дена си одат. Не ми е јасно како и покрај тоа што во државата нема работа тие одбиваат работа. Не им одговарале условите за работа, мала им била платата…, вели една шефица во супермаркет.

Слична е состојбата и во помалите маалски продавници, во кои продавачите многу брзо си одат, па сопствениците се приморани да работат сами или да ангажираат некој член од семејството. Најчесто овие продавници и немаат долг рок на траење, имаат мал промет поради големите маркети и брзо се затвораат.

Весникот „Вечер“ разговараше со неколку лица кои работеле како продавачи и кои велат дека освен тоа што платите се многу ниски, а работата е тешка се работи и во недели и на празници. Освен тоа македонските газди сè уште не ја научија лекцијата и се однесуваат како во капитализмот, односно постојано ги навредуваат и понижуваат работниците. Со ваков однос и со вакви плати уште долго ќе бараат работници.

Честа слика на излозите по продавниците во градот се написите „Се бара продавачка“. Газдите, менаџерите и сопствениците на продавници се жалат дека не можат да најдат работници, а кога ги прашавме за колкава плата се работи и колку дена во неделата им се слободни, велат дека тоа се договарале со секој работник посебно. Сепак, од повеќе извори дознаваме дека платите најчесто не се поголеми од 15.000, а се работи и саботи, и недели и празници.

-За 200 евра плата работев и недели и празници, ама за тие пари веќе не работам. Покрај тоа што платата ми беше ниска постојано ми наоѓаа мани, не знаеш да работиш, не работиш добро, бавна си во работата, вели Маре која работела како продавачка во еден супермаркет во Скопје.

И Александар, кој работел како продавач во Македонија и кој сега е иселен во странство, вели дека македонските газди сè уште се дрски и арогантни и затоа не можат да најдат работници, а младите не им се нафаќаат да работат за тие пари и бегаат надвор од државата.

-Не гледаат да ти покачат плата, да ти дадат стимул и елан за работа, туку само да те навредуваат и понижуваат. Особено во маркетите каде и покрај тоа што немаат работници шефовите и менаџерите постојано им викаат на работниците и ги отпуштаат од работа затоа што биле незадоволни. Во вакви услови уште долго време ќе бараат работници, бидејќи под тие услови и за тие плати тешко дека во блиска иднина ќе најдат некој да им работи, вели тој.

Една продавачка раскажува дека во супермаркетите покрај тоа што работата не е платена, физички многу е тешка.

–Те тераат да креваш пакети кои тежат и до 15 килограми, да редиш производи кои исто така се многу тешки. И покрај тоа што цел ден си работел, на крајот од работното време мораш да го исчистиш цел маркет. Практично за иста плата мораш да работиш повеќе работи. По потреба те викаат и на каса и на пиљара, на месара… Поради тоа ми настрада кичмата и ден-денес имам здравствени проблеми, вели продавачката. (А.С.)