Проблем со фингерпринт апаратите на неколку гласачки места

231

На гласачко место во училиштето Петар Здравковски – Пенко, во општина Бутел, не работи апаратот за отисок од прст. Така гласањето доцнеше 30 минути, објави ТВ21.

Одлучено е гласањето да почне со тоа што ќе ги идентификуваат гласачите со УВ ламба, до санирање на проблемот.

Државната изборна комисија во 9:30 ќе има прва прес-конференција на која ќе бидат соопштени детали за почетокот на изборниот процес.

Проблеми со фингерпринт апаратите има и на неколку гласачки места во Прилеп, објави ТВ Сител.

„Во Прилеп речиси на секое избирачко место има проблем со фингерпринт уредите. Дел препознава, дел не препознава избирачи. Во консултација со ДИК наводно проблемот не е само во Општина Прилеп, проблемот се случува во моментов на ниво на цела држава, изјави за Сител, Валентин Божиноски, претседател на општинската изборна комисија во Прилеп.

На овие пунктови гласањето продолжува според упатството од ДИК за вакви ситуации:

Во случај уредот да е технички неисправен и неупотреблив избирачкиот одбор веднаш телефонски ја известува ОИК да го замени уредот. ОИК веднаш праќа техничко лице кое е овластено од ДИК за да донесе нов резервен уред. Тоа лице на самото место ја утврдува состојбата, и ако е технички неупотреблив телефонски ја известува ОИК и ќе инсталира нов резервен уред во кој ќе ги префрли сите податоци.

Ако уредот е неупотреблив и не може да се замени тогаш ОИК со потврда од техничко стручно лице ангажирано до ДИК електронски ќе поднесе писмено барање до ДИК и ДИК ќе треба да одлучи дали гласањето ќе продолжи согласно со членот 108 од Изборниот законик.