Проблем на Онкологија се ограничените ресурси, наспроти неограничениот број пациенти

Анкетната комисија ја продолжи својата работа со многу емоции  

265

Директорката на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисаровска, вчера само што не заплака, додека одговараше пред Анкетната комисија за состојбите на Клиниката за онкологија. Таа побара да се отфрли колективна вина, која е надвисната над Клиниката, во која работат професионални и одговорни лица, а се секојдневно под притисок. Според неа се создаде недоверба кон Клиниката, паника во јавноста и меѓу нашите пациенти. -Не им е доволна маката со тежината на болеста, туку сега имаат и несигурност како ќе бидат третирани, вознемирено додаде директорката на Онкологија

 

 

Директорката на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисаровска, вчера само што не заплака, додека одговараше пред Анкетната комисија за состојбите на Клиниката за онкологија. Таа со вознемирен и со растреперен глас кажа дека недостатоците на лекови за најтешко болните пациенти, како човек и како лекар, но пред сè како медицински директор на оваа клиника, ја ставаат под голема морална одговорност.

-Имаме ограничен буџет – далеку помал од нашата реална потреба за набавка на терапија. Нашите реални потреби сме принудени да ги вклопиме во лимитирани финансиски рамки – посочи д-р Виолета Клисаровска, в.д. медицински директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Таа на седница на собраниската Анкетната комисија за истражување на работата на Клиниката, исто така, посочи дека постојано укажувала до Владата и Министерството за здравство за оваа агонија во која е доведена Клиниката каде што работи 20 години, а од лани, на 2 ноември, е назначена за в.д. директор. Според неа од стартот формирала онколошки конзилиум за да има  рационалност во препишувањето лекови со висока цена, по строго определени критериуми, но и според медицина базирана на докази.

Но според Клисаровска најсериозен проблем со кој се соочила во управувањето со ресурси е нивната ограниченост наспроти неограничениот број на пациенти кој секој ден се зголемува.

-Поради зголемениот квантитет доаѓаат во ситуација да го нарушат правото на пациентите  за навремена здравствена грижа. Смета дека е крајно време да профункционира дисперзијата во лекување на пациенти со малигни заболувања, а  молбите кон други клинички болници со радиотерапија во земјава да се вклучат во лекувањето не вродија со плод – објасни Клисаровска и ја посочи Клиничката болница Битола, која има радиотераписки апарат што не работи, има кадар и опрема, а третира мал број пациенти.

Според неа, и клиничките болници во Штип и Тетово имаат специјалисти радиотерапевти онколози. За ГОБ „8 Септември“, рече, има радиотераписки апарат што Онкологија го нема и за таа услуга ги испраќа пациентите во странство.

-Дисперзијата мора да биде овозможена и поддржана од државата за клиники каде што се воспоставиле услови и кои имаат кадар и опрема. Мислам дека таму каде што има ресурси и кадар, треба да има институционален притисок врз овие институции, рече Клисаровска. 

Клисаровска  пред комисијата исто така кажа дека е во пораст бројот на болни со малигни заболувања и често значаен дел се со метастатска фаза и тоа, рече, треба да биде аларм за државата да се фокусира на превенција од малигни болести. Таа, исто така, апелираше до истражните органи што поскоро да заврши постапката со утврдување на злоупотреба на Клиниката и ако се утврди вина, да се именуваат виновниците.

-Да се отфрли колективна вина, којашто е надвисната над Клиниката, во која работат професионални и одговорни лица, а се секојдневно под притисок. Се создаде недоверба кон Клиниката, паника во јавноста и меѓу нашите пациенти. Не им е доволна маката со тежината на болеста, туку сега имаат и несигурност како ќе бидат третирани, вознемирено додаде директорката на Онкологија.

Што се однесува, пак, дали таа чувствува морална одговорност што во Онколошкиот конзилиум е екс директорот Никола Васев, кој е под истрага, Клисароска, пред членовите на оваа Комисија се обиде да објасни, но ја совладаа емоциите.

-Ние немаме добиено никакво судско или друго решение од Обвинителство Никола Васев да биде отстранет и да не учествува во работниот процес. Во однос на моралната одговорност точно и добро што кажавте, не само во овој дел, воопштено недостатокот на лекови и целата ситуација на лекување ме става и како човек и како лекар и како медицински директор под голема морална одговорност… Сум помислила јасно и гласно тоа да го изразам, но со оглед на истрагата, сметам дека не е пожелно во овој момент. Кога ќе заврши истрагата, доколку се утврди вина, ве молам, повторно да ми го поставите ова прашање, одговори д-р Клисаровска.

Деновиве пред анкетната комисија одговараше и поранешниот директор на Онкологија, д-р Нино Васев, екс-министрите за здравство, Никола Тодоров и Венко Филипче, но сведочеа и многу сегашни и поранешни министри за здравство, претставници на Фондот за здравство. Пред комисијата одговараа и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД. Меѓу нив беше и  Илир Хасани, кој, како заменик-министер, немал соработка со Венко Филипче, а неговиот наследник, Владимир Рендевски, не знаел зошто Беким Сали го разрешил Нино Васев од директор на Онкологија. Актуелната заменик-министерка за здравство Маја Манолева чека потврда дека имало злоупотреби и не планира да поднесе оставка за случај што не е во нејзино време.

(В.Ма)