„Пријателот” Ципрас бара ЕУ јасно да ги каже последиците ако не се почитува Договорот од Преспа!

Екс премиерот на Грција, Алексис Ципрас, кој денеска во Стразбур претседаваше со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа ги повтори позициите на Грција и порача дека ЕУ и меѓународната заедница треба јасно да ги кажат последиците кои непочитувањето на Преспанскиот договор ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија. Употребата на уставното име на Северна Македонија е нешто што е договорено во контекст на Договорот од Преспа, изјави денеска портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување, Ана Писонеро. На новинарско прашање дали Комисијата знае дека некои македонски политичари не го користат уставното име и каква е нејзината реакција, Ана Писонеро рече дека ЕУ изрази жалење „за неупотребата на уставното име на државата од страна на некои од лидерите на Северна Македонија. -Ова нешто е јасно договорено како дел од договорот од Преспа. И јасно е дека сите страни мора да ги почитуваат условите на договорите и да ги спроведуваат со добра волја“ изјави портпаролкатана Европската Комисија.

1843

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој денеска во Стразбур претседаваше со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, ги повтори позициите на Грција и порача дека ЕУ и меѓународната заедница треба јасно да ги кажат последиците кои непочитувањето на Преспанскиот договор ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија, и наведе дека е неопходно да се води активна борба против дестабилизацијата во регионот, а тоа како што нагласи, пред сè значи поддршка на Договорот од Преспа.

На состанокот во Стразбур на кој, меѓу другото, се актуализираше важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан, поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, исто така нагласи  дека се додека регионот е ранлив и на националистички конфронтации, ќе тоне во нестабилност и нови конфликти и  оцени дека потребно е земјите да го почитуваат принципот на добрососедство посочувајќи на важноста од Преспанскиот договор.

Употребата на уставното име на Северна Македонија е нешто што е договорено во контекст на Договорот од Преспа, изјави денеска и портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување, Ана Писонеро.

На новинарско прашање дали Комисијата знае дека некои македонски политичари не го користат уставното име и каква е нејзината реакција, Ана Писонеро рече дека ЕУ изрази жалење „за неупотребата на уставното име на државата од страна на некои од лидерите на Северна Македонија.

-Ова нешто е јасно договорено како дел од договорот од Преспа. И јасно е дека сите страни мора да ги почитуваат условите на договорите и да ги спроведуваат со добра волја“ изјави портпаролкатана Европската Комисија.

Преспанскиот договор, шест години од неговото потпишување изминатите денови во континуитет ја бранува јавноста и во Македонија и во Грција, откако новата претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова при давањето на свечената заклетва во Собранието, не го употреби уставното име на земјата и наместо тоа го користеше само Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски кој вметнувањето на придавката „Северна” ја опиша како срамна, но рече дека капитулира пред нејзината употреба бидејќи таа веќе е дел од правниот систем, и заклетвата ја даде согласно Уставот, односно со името Северна Македонија, вчера повтори дека неговиот став за употребата на уставното име не е променет и  наведе дека нема „лицемерно“, како претходниот премиер да „пее“ Северна Македонија.

Во однос на критиките, Мицкоски посочи дека или погрешно го разбираат Преспанскиот договор или погрешно го читаат.

– Подготвен сум и за тоа да спорам и аргументирам. Нека се навикнат на политичари кои нема да ги гледаат клекнати на колена кои ќе молат и го уништуваат достоинството. Ниту ќе бидам преагресивен да преименувам автопати, аеродроми, споменици да градам, но ќе ме гледате како сечам ленти, како правам реформи. Не го кршиме договорот, според членот 1 став 3 и тој се повикува на членот 7 став 2 и 3, за жал договорот е потпишан каков што е потпишан и не подразбира дека при колоквијална употреба и секојдневен живот треба да се кажува придавката, изјави премиерот.

Завечера пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, и министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, посебно се осврна на полемиката со државава околу употребата на уставното име од новото државно раководство и притоа упати јасна порака  дека тоа што Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избрале да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија

Шефот на грчката дипломатија Герапетритис нагласи дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ за земјава е незамисливо..

Метју Нимиц, кој беше медијатор на Обединетите нации во  тридеценискиот спор меѓу Атина и Скопје, за името на Македонија, деновиве порача  дека употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија но  и дека новата власт во Северна Македонија се довела  во тешка позиција и треба да излезе од неа.

-Националните лидери ќе треба да препознаат дека времињата се опасни, особено за малите земји што се во нестабилен регион. Позитивните односи со соседите треба да бидат врвен приоритет, изјави Нимиц.

Од грчка страна  не се ратификувани три меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, и тие  се заглавени во грчкиот парламент. Овие меморандуми , се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.

Покрај меморандумите,грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон државава. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите.

Поранешниот вицепремиер  за европски прашања  Васко Наумовски деновиве за медиумите изјави дека спроведувањето на Преспанскиот договор има повеќе аспекти меѓу кои и тоа дека внатрешната употреба на новото име треба да го следи отворањето на соодветните поглавја со ЕУ“ и притоа наведе дека ние досега немаме отворено ниту едно поглавје, и дека тоа, како што рече, значи оти минатата власт избрзала  со имплементацијата.

„Реалноста е дека нашите евроинтеграции се веќе загрозени од страна на членките на ЕУ, заради што заканите за некакво ново вето од Грција немаат иста вредност каква што имаа пред 10 или 15 години“, изјави  Наумовски за РСЕ.

Бугарското МНР до Мицкоски: нема предоговарање на рамката

Бугарското Министерството за надворешни работи му порача на новиот премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, дека веќе преземените меѓународни обврски не може повторно да се преговараат и дека тоа би довело само до ново оддалечување од почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

„Изнесувањето на идеи за предоговарање на веќе преземени меѓународни обврски би довело само до ново оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Како резултат на непотребни провокации и конфронтација со соседните земји, Северна Македонија е веќе предолго во процесот на отворање на пристапните преговори“, пишува бугарското МНР.

Според МНР, неприфатлива е наведената намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да им ги гарантира правата и слободите на исто ниво со сите други заедници во Северна Македонија, вклучително и, како што се додава во соопштението, преку нивно вклучување во Уставот на соседната земја.

(М.С.)