Прилеп ќе купи компјутери за ученици и наставен кадар

356

Пред официјалниот старт на учебната година, општина Прилеп распиша тендер за набавка на лап-топ компјутери, дел наменет за учениците кои немаат можност да следат настава на далечина, соопшти прилепскиот градоначалник Илија Јованоски  кој денеска имаше средби со наставниците од основните и од средните училишта.

-Правиме сѐ за да ги подобриме условите за изведување и следење на наставата. За таа цел, во моментов е распишан тендер за набавка на лап-топ компјутери, од кои еден дел ќе бидат наменети за учениците кои немаат можност за следење на наставата на далечина. Во духот на денешниот ден, христијанскиот празник Вера, Надеж и Љубов, посакувам наставниците и учениците да веруваат во она што го работат, да имаат надеж дека проблемите ќе се решат и да манифестираат меѓусебна љубов, почит и разбирање, порача Јованоски.

Во пресрет на почетокот на новата учебна Јованоски ги посети сите основни и средни училишта во Прилеп и се сретна со наставничкиот кадар.

Јованоски нагласи дека учебната година ќе биде поразлична од сите претходни, што налага приспособување на новата нормалност, како од наставниците, така и од учениците и нивните родители.

 

-Упатувам апел до секој наставник за запазување на кодексот на однесување, со посветување посебно внимание на педагошкиот аспект кој во новонастаната состојба со пандемијата и начинот на спроведувањето на наставата,  е од особена важност, рече градоначалниот.

 Во Прилеп има 10 основни и пет средни училишта. Новата учебна година треба да ја почнат преку 10 300 ученици. Оние до трето одделение ќе имаат физичка настава.