Прилеп: Состојбата во училиштата е стабилна, во градот за 30 отсто зголемен бројот на позитивни

36

По скринигот во прилепските и во училиштата од регионот, од прилепскиот Центар за јавно здравје велат дека состојбата е стабилна. Од 343 тестирнаи ученици од 20 основни и осум средни училишта во пет општини: Прилеп, Кривогаштани, Долнени, Крушево и Македонски Брод, само тројца ученици – еден од средно, двајца од основни училишта, се позитивни.

Според Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје, состојбата се смета за стабилна.

-Вкупно беа обработени 20 основни училишта со 213 ученици каде имавме два позитивни ученици и осум средни училишта со 130 тестирани ученици и само еден ученик беше позитивен. Конкретно, во Прилеп, заедно со населените места Канатларци, Тополчани и Мало Коњари, беа тестирани 234 ученици и имаше еден позитивен ученик во средно училиште. Во Кривогаштани немаше ниту еден позитивен од вкупно 14 тестирани ученици од две основни училишта. Исто е и во Македонски Брод, каде сите тестирани 20 ученици од основно и средно училиште беа негативни. Во Долнени еден ученик од основно училиште е позитивен од 47-те тестирани и еден ученик во Крушево од 29 тестирани ученици по случаен избор. Значи, вкупно во регионот, од сите тестирани има позитивни двајца ученици од основно и еден од средно училиште. Ова покажува дека процентот на позитивни е помал од единица и ситуацијата засега може да се оцени како стабилна, изјави Николоска.

Но, во градот, бројот на позитивни расте и тоа за 30 отсто се повеќе во последната недела во споредба со претходните две недели во октомври. И тоа главно на возраст од 20 до 49 години.

-Последнава недела забележано е зголемување на бројот на позитивните случаи. За цела недела се регистрирани 186 случаи, што е за 30 проценти повеќе од претходните две недели во октомври. Најмногу е опфатено населението од 20 до 49 години. Во модуларната болница моментално се хоспитализирани 17 пациенти од кои 14 се на кислородна поддршка. Од вкупно хоспитализираните четворица се вакцинирани. Но, наредниот период како што се очекува студеното време, луѓето повеќе ќе престојуваат во затворен простор и е зголемена можноста за трансмисија, па е потребна крајна внимателност, носење маска, држење дистанца. Досега не е забележан некој нов сој на вирусот, вели Николоска.