Признанија за 20 најредовни крводарители од Виница

78

Дваесетина најредовни крводарители од Виница добија награди и признанија од локалната самоуправа и од општинскиот Црвен крст како благодарност за покажаната хуманост и општествена одговорност. На свеченоста што се одржа по повод 74-годишнината на Црвениот крст, посебно беше истакната заслугата на луѓето кои повеќе од сто пати доброволно дарувале крв и придонеле Виница со години да се вбројува меѓу најхуманите општини во државата.

– Во нашата евиденција имаме регистрирано над 1.200 најактивни крводарители кои во секој момент можат да одговорат на повик ако итно треба крв за да се спаси нечиј живот. Годинава во нашето друштво на рекордери, кои дарувале над 100 пати, влезе и Венко Манасиев, кој иако е во средината на шестата деценија останува активен крводарител. Освен него, имаме и десетина други кои се се приближуваат кон овој рекорд, а посебно радува фактот што интерес за крводарителството има и меѓу младите виничани, истакна Кирил Цоневски, претседател на општинската организација на Црвен крст.

Црвениот крст од Виница минатата година ја заокружи со собрани 1.287 единици крв, најмногу од крвните групи А и О, со што годишниот план за крводарување е натфрлен за околу 2,5 пати.