Приемот во НАТО нема да ги одложи изборите во април

76

Се работи на тоа предвремените избори да се одржат на 12 април, како што беше договорено на лидерската средба. Власта очекува дека ратификацијата на протоколот за членство во НАТО во Парламентот во Шпанија да заврши до крајот на јануари и Република Северна Македонија навремено да стане членка на Алијансата.

– Добро е што имаше успешни избори во Шпанија. Победи мојата левица. Конституирањето на Парламент е на 3 декември и до крајот на декември или јануари треба да заврши постапката на ратификација и убеден сум дека Република Северна Македонија навремено ќе биде членка на НАТО, изјави премиерот Зоран Заев.

И министерката за одбрана Радмила Шекеринска изрази надеж дека приемот на нашата држава во НАТО нема да влијае на најавените предвремени парламентарни избори. Вчера попладнето министерот за надворешни работи Никола Димитров на социјалните мрежи објави дека и холандскиот сенат го ратификуваше протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Според очекувањата до крајот на ноември или до Лондонскиот самит треба да заврши ратификацијата и во Франција. И францускиот амбасадор Христијан Тимоние пред два дена изјави дека Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО е во тек и без проблеми треба да се ратификува во Франција до крајот на годината.

Одговарајќи  на новинарско прашање, дали изборите може да бидат одложени, Шекеринска потенцира дека одлуката е донесена, има консензус и се работи на тоа изборите да бидат на 12 април. Членството во НАТО, оцени таа, е успех број еден и ништо не смее тој успех да го загрози. Затоа, посочи Шекеринска, Владата носи потези кои само не приближуваат кон НАТО.

– На овој Парламент мораме да му ја дадеме шансата да го заокружи процесот со успех. Не беше лесно да се биде пратеник во последните две и пол години. Се носеа тешки одлуки, се носеа одговорни одлуки и сега тие одлуки ќе бидат крунисани со остварување на овој голем државен успех. Северна Македонија станува членка на најмоќната военополитичка Алијанса – изјави Шеќеринска.

Интегративците на Ахмети деновиве оставија простор  за евентуално поместување на предвремените парламентарни избори. Според нив гласањето не треба по секоја цена да се одржи на договорениот термин -12 април, туку, како што велат треба да одржат само откако македонскиот парламент ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО.