Привршува асфалтирањето на булеварот „Х.Т.Карпош“, а се работи и на паркот во Карпош

348

Град Скопје  асфалтираше уште еден дел од новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, информираше на својата фејсбук страница, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Со тоа, според Шилегов првиот скопски булевар што иѕлегува на обиколница веќе е во завршна фаза.

Тој потенцира дека асфалтирањето ќе продолжи кога тоа ќе го дозволат временските услови. Првиот скопски булевар што излегува на обиколница веќе е во завршна фаза.

Асфалтирањето на овој булевар почна на средината на март. Новиот дел од булеварот се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“, во должина од 1.000 метри.

Новиот булевар ќе биде со вкупна ширина од 40 метри, ќе има 6 сообраќајни ленти од по 3,5 метри, а ќе има и велосипедски патеки од двете страни на булеварот со ширина од 2,5 метри. По должината на булеварот ќе има пешачки патеки од двете страни со променлива ширина, како и средишно зеленило. На новиот булевар ќе биде поставено и ново улично осветлување, односно ќе се постават 76 столба во висина од 10 метри, а ќе биде поставена и нова хоризонтална и вертикална .

Продолжувањето на оваа сообраќајница ќе им овозможи на граѓаните од населбите Радишани и Бутел уште една сообраќајна врска со центарот на градот.

Освен тоа, по поставувањето на полската болница во продолжение на Инфективната клиника, како што најави Шилегов продолжуваат и работите на паркот во Карпош 4, меѓу кејот на Вардар и булеварот „Илинден“, кој ќе биде еден вид продолжение, односно трет дел на Градскиот парк.

Станува збор за површина од 60.000 квадратни метри, односно простор шест пати поголем од паркот „Ибни Пајко“, кој ќе биде претворен во зелена површина.

Овој простор беше непристапен и небезбеден и на него имаше дива депонија која претставуваше жариште на диви огнови на отворено. Проектот беше најавен на 31 јануари годинава, а уште од тогаш јавните градски претпријатија почнаа да го отстрануваат шутот и отпадот од оваа депонија и да ја расчистуваат површината.

На овој простор, како што тогаш најави Шилегов ќе бидат поставени содржини за спорт и рекреација, а ќе биде предвиден и простор за ботаничка градина. Дополнително, планирана е изведба на сервисна улица и два моста.