Со новата Програма структурата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” од почетокот на оваа студентска година е изменета, 11 катедри се заменуваат со нова структура од пет отсеци, а со тие измени иднината на македонски катедри станува неизвесна, тврди претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев. Тој деновиве предупреди на можноста од укинување на катедрите по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет дека со новата структура нема Катедра за македонски јазик и книжевност како централна, матична катедра, што предизвика лавина реакции во јавноста. Раководителката на Катедрата по македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, ги демантираше таквите тврдења и рече дека нема најава за таква реформа.

Кoцарев вчера кратко образложи: „Го поддржувам ставот на професорите од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на  Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, според кој не постои и  никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Покрај тоа, ги охрабрувам во иднина цврсто да се држат до тој став, особено затоа што програма за работата на деканот на факултетот, во период од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година, не е во согласност со ставот на катедрата. Според програмата, структурата на факултетот од 11 катедри се заменува со нова структура од пет отсеци, а иднината на македонски катедри станува неизвесна.

  • Силни реакции, не само во академската јавност предизвика откако првиот човек на највисоката научно-образовна институции напиша: „Последниот удар, во името на Конески, во годината во чест на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошки факултет, кој го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност. Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, а тоа го знаат подобро тие што се многу повеќе упатени од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци низ светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сè што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност”.

Ваквото тврдење Пановска-Димкова го демантираше и додаде дека остро би се спротивставиле на секој што ќе сака да чепне во интегритетот на Катедрата за македонски јазик. Таа побара од членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт Коцарев.