Европската Унија, според дипломатски извори во Брисел, прифати дел од билатералните барања на Бугарија да стојат во преговарачката рамка, ставајќи ги реформите во втор план. Токму затоа Скопје и Тирана без многу оптимизам го дочекуваат утрешниот почеток на јунскиот Самит на ЕУ, иако нивните лидери ќе бидат присутни на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Ниту најавата од Софија, според бугарски „Капитал“, дека в петок преку декларација во собранието ќе му биде овозможено на премиерот да го укине ветото, не го менува фактот дека сето ова се случува предоцна. Поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, денеска рече дека 59 пратеници од партијата ќе гласаат за „францускиот предлог“. Ваквата одлука веднаш беше поздравена од Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Во Македонија, пак, денеска и ДОМ им се приклучи на партиите од владејачката коалиција кои се против предлогот, со што и понатаму се ситни поддршката за ова решение.

Денеска од ЕУ, според дипломатски извори, стигна признание дека билатералните прашања со Бугарија се дел од македонската преговарачка рамка и дека тоа е „нормално“ наспроти ризикот што го носи преседанот со вклучувањето на билатерални барања на земја членка на ЕУ.

„Овој ризик постои и тоа некогаш е поважно од реформите. Тоа е дел од правилата, инаку не можеме да имаме хармонични односи. Предлогот што е на маса се чини дека е тој околу кој може да се најде договор, никој не е задоволен ниту во Скопје, ниту во Софија“, соопштил неименуван европски дипломат, додавајќи дека тоа за ЕУ е знак дека договорот е добар.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски во пресрет на Самитот посочи дека доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе биде сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот.

Иницијатива во насока на деблокада на македонските преговори со ЕУ во последен момент пристига од Софија. Пратениците од бугарските владејачки фракции размислуваат да поднесат декларација до парламентот в петок, во која истакнуваат дека Националното собрание се обединува околу одлуката за деблокирање на македонските евроинтеграции. Ваквата декларација би му ги одврзала рацете на секој премиер да го укине ветото, пишува бугарски „Капитал“.

Лидерот на партијата ГЕРБ, Борисов денеска го повика претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков, до Народното собрание на земјата официјално да го достави предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија. Тој изјави дека Пратеничката група на неговата партија, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи „францускиот предлог“ на пленарна собраниска седница.

„Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар“, рече Борисов, согласувајќи се со претходно дадената изјава на претседателот на Бугарија, Румен Радев, околу предлогот на Франција.

Борисов, од своја страна, предложи „францускиот предлог“ да биде усвоен со големо мнозинство во Народното собрание на Бугарија со поддршка на пратениците од владејачките партии Продолжуваме со промената на Петков и Демократска Бугарија (ДБ) и опозициското Движењето за права и слободи (ДПС).

Според Борисов, поддршката на предлогот на француското претседателство е најдоброто решение за „иднината на Балканот, ЕУ и за Бугарија“.

Притоа, тој ја прочита и одлуката на Светиот синод на Бугарската православна црква со која ја признава Македонската православна црква – Охридска архиепископија и стапува во канонско единство со неа, споредувајќи го ваквото решение со ставот на ГЕРБ за поддршка на „францускиот предлог“.

– Нема да останеме во темната страна на Евроазија и нема да дозволиме путинизација, дециден беше Борисов.

Оваа одлука веднаш ја поздрави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој му се заблагодари на лидерот на опозициската Герб, Борисов.

„Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, за историската одлука што ја донесе за Европа и Македонија – усвојувањето на преговорите врз основа на францускиот предлог, кој овозможува продолжување и отворање на преговорите со Македонија. Очекуваме владата да го направи она што е неопходно да помине низ парламентот денеска за да може Европа да оди напред“ – напиша Вархеји веднаш откако Бојко Борисов објави дека ГЕРБ изразува целосна поддршка за предлогот.

Вархеји претходно рече дека Грција и Македонија успеале да ги надминат разликите и затоа ЕУ очекува и Бугарија да постигне таков резултат.

И додека во Бугарија се зголемува бројот на поддржувачи на „францускиот предлог“, во Македонија, се ситни поддршката дури и во владејачката коалиција. Вчера и ДОМ се изјасни против предлогот, по ЛДП и Демократскиот сојуз, додека оптимизам во однос на предлогот досега искажа само ДУИ.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, тврдат дека владата на Ковачевски дала пас за предлогот од Париз и повикаа да го соопшти својот став.

„Презентирањето на еден ваков предлог од страна на многу сериозна држава како Франција не може да помине без знаење и согласност и од Владата на Бугарија и од Владата на Македонија. И затоа исклучително многу загрижува молкот на Владата на СДСМ и ДУИ по однос на последниот предлог што само го потврдува она што го слушнав деновиве во Стразбур, а тоа е дека Владата за жал дала согласност на овој предлог. Ги повикувам јавно да излезат и да го кажат нивниот став по однос на предлогот, да го отфрлат предлогот затоа што тоа е крајно штетен за Македонија и пред се за Македонците како доминантен народ во Македонија, и на тој начин да ги заштитат македонските национални интереси“, порача вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

И Левица, претходно посочи дека МНР, Секретаријатот за европски работи, Кабинетот на премиерот, како и Кабинетот на претседателот, биле запознаени со нацрт-предлогот на ЕУ, учествувајќи во неговата подготовка.

(И.С.)