Преполовен бројот на огласи за вработување, најбарани  продавачите

Според достапната статистика на Агенцијата за вработување во јануари имало 104.409 невработени, додека во февруари нивниот број се зголемил за 1.407. Во другата група невработени, кои агенцијата ги класифицира како други лица кои бараат работа, во јануари биле запишани 86.539 лица, а во февруари ги имало за 420 помалку. Од друга страна, вчера беа огласени околу 4.800 слободни работни места

176

Додека голем дел од работодавците се жалат дека бизнисот им пропаѓа поради кризата предизвикана од коронавирусот и отпуштаат вработени, на некои сè уште им требаат нови работници. На веб страницата на Агенцијата за вработување во текот на вчерашниот ден беа објавени огласи за вработување на околу 4.800 лица, а оттаму велат дека сите се активни.

Колку е зголемен бројот на невработени, никој не знае. Од Агенцијата во повеќе наврати посочија дека нема значителна промена во бројот на пријавени новоневработени во последно време, но не даваат бројки. Како што информираа за весникот ВЕЧЕР,  се подготвува евиденцијата за март, која наскоро ќе биде објавена.

На нивната веб-страница има податоци само за јануари и февруари, но кризата почна подоцна, така што не може да се види официјален податок за новите  невработени.  А, според достапната статистика на  Агенцијата во јануари имало 104.409 невработени, додека во февруари нивниот број се зголемил за 1.407. Во другата група невработени, кои агенцијата ги класифицира како други лица кои бараат работа, во јануари биле запишани 86.539 лица, а во февруари ги имало за 420 помалку.

Во меѓувреме, невладини организации и синдикати предупредуваат дека масовно се отпуштаат работници, а според некои анкети работното место поради кризата го изгубил секој петти вработен во државата.

Од друга страна, се уште се објавуваат огласи за вработување, но нивниот број е преполовен во однос на периодот пред кризата. Со вчера огласените околу  4.800 слободни работни места, кои од Агенцијата тврдат дека се активни, најбарани се работници за преработувачката индустрија, за кои има понуда за над 1.000 работни места. Следува трговијата која бара околу 900 работници, па градежништвото, каде треба да се пополнат околу 800 слободни работни места. Иако се најпогодени и беа првите кои го почувствуваа економскиот ефект на здравствената криза, работници бараат и угостителите, односно објектите за сместување и сервисните дејности со храна, како што се официјално класифицирани. Тие бараат 600 работници.

Според занимања, најбарани се продавачите.  Со актуелните огласи се бараат 445. Се бараат и по околу 200 службеници за општи работи, таксисти, келнери и општи работници. Фирмите имаат потреба и од шивачи, тесари, возачи на камиони, градежници. Од овие струки има побарувачка на по околу 100 лица ширум државата.

Како и секогаш, најмногу работници бараат скопските компании. Околу три илјади од вкупниот број огласи за работа се објавени од скопските работодавци. Потоа доаѓаат Тетово, Битола, Охрид, Штип, Виница…  Овој пат значително е зголемена листата на општини од каде нема објавено огласи. Потреба од нови вработувања нема во Крушево, Кратово, Демир Хисар, Дебар, Берово, Ресен и Пробиштип. Платата што се нуди, во некои случаи и за лицата со високо образование, не отскокнува од порано, односно се движи околу минималната од 14.500 денари.

Од Агенцијата за вработување информираат дека не се сопрени ниту активните мерки за вработување, а во тек се огласи за неколку од нив.  (С.В.)

ReplyForward