Преполовено производството на автомобили во Британија

25

Производството на автомобили во Велика Британија падна за 41,4 отсто во октомври, што е најголем пад по 1956 година. Причините се светскиот недостиг на полупроводници и затворањето погони за нови возила, објави Здружението на автомобилската индустрија (СММТ), во оваа земја.

Минатиот месец во земјата се произведени 64.729 автомобили. Падот ги одразува проблемите во глобалните синџири на снабдување и трајното затворање на фабриката на Хонда кон крајот на јули.

Првите 10 месеци од годинава, произведени се 721.505 возила, што е 2,9 отсто помалку од истиот период лани кога фабриките беа затворени со месеци поради мерките против пандемијата на Ковид-19.

– Британскиот автомобилски сектор е отпорен, но се соочува со огромни предизвици во блиска иднина во напорите да продолжи да работи со оглед на постојаното ширење на Ковид-19 на некои од нашите водечки пазари и, на „затегнатите, па дури и скршени глобални синџири“ за снабдување, рече извршниот директор на СММТ, Мајк Хоус.

Британските фабрики ќе произведат помалку од милион автомобили и комбиња и оваа година, како и во 2020 година, но таа бројка треба повторно да ја надминат во 2022 година, соопшти СММТ.