Премиера на „Вистинскиот запад“ – претстава за потребата да најдеме свое место под сонцето

47

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денес и утре, со почеток од 20 часот  премиерно ќе биде одиграна претставата „Вистинскиот запад“, по текст на Сем Шепард, а во режија на Борис Василески.

Во претставата играат Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Мартин Манев и Тања Кочовска.

„Сте се фатиле ли себеси во момент кога правите нешто што е наметнато од општествените трендови и се пресметувате каква слика оставате во очите на другите? ‘Вистинскиот запад’ ја дава сликата на двете крајности, кога сакаме да бидеме дел од општеството и истовремено сакаме да се изолираме од лошо организираниот свет. Потребата да си најдеме свое место под сонцето не згаснува, а притисокот од „што сум направил до сега?“ не исчезнува…“, се посочува кон претставата од МКЦ.

Сценографија и дизајнот на светло е на Мартин Манев, костимографија на Симона Даноска, музиката на Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а дизајнот на постер на Ана Јачева.