Преку фондацијата “Аполонија” ќе се обновуваат иконостасите на црквите и манастирите во Гевгелиско

54

Општина Гевгелија најде оригинален начин за обновување на иконостасите на црквите и манастирите во населените места со помош на фондацијата “Аполонија”, поточно со учесниците на меѓународната ликовна колонија која се одржува секоја година.

– Минатата година учесниците на колонијата три дена престојуваа во планинското село Ума каде што работеа на обновување на иконостасот во црквата “Свети Пантелејмон” и токму тоа ни даде идеја да се договориме со одговорните од фондацијата “Аполонија” праксата да продолжи и оваа, како и во идните години за реставрирање на иконостасите на сите останати црковни објекти – велат од Општина Гевгелија.

Оттаму посочија дека на нејзина територија се регистрирани 15 цркви и манастири до кои постојат пристапни асфалтирани патишта. Речиси сите тие потекнуваат од 19 век што се должи на неможноста за нивна изградба во поранешниот период поради забраната од тогашната власт во гевгелиската Каза.

Покрај ова во некои села, како што се Серменин и Кованец, изградените цркви се втемелени по еден метар под нивото на земјата за да не бидат високи и доминантни и се градени само со плитари за да имаат кратка трајност, но и покрај тоа тие постојано се реконструираат и се уште постојат.