Презентиран прирачникот за работа на локалните младински совети

34

Денеска беше промовиран прирачникот за работата на локалните младински совети. Тој претставува водич за ова претставничко тело на младите, кое на дневно ниво, но и на среден и долг рок, ќе им претставува поддршка, олеснување на административните процедури за работа, пренесување на работата на советот на идните членови и сл.

Прирачникот е подготвен од страна на Агенцијата за млади и спорт, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и од претставници на повеќе младински организации.

Запрашан за статусот на Локалниот младински совет во Карпош, градоначалникот Стефан  Богоев истакна дека формирањето на ова младинско тело е речиси во завршна фаза.

– Завршува јавниот повик за пријавување на членови, откако претходно се формираше и Локалното собрание за млади. Многу е важно овој локален младински совет да биде навистина функционален и активен. Во повеќе наврати имам посочено дека, пред се, важно е тоа да биде креативно и активно тело за млади, а не само орган кој „постои на хартија”. Тоа подразбира да креираат активности и проекти за млади, да се вмрежуваат со основните, средните училишта на локално ниво, да воспостават соработка со приватниот сектор… Општина Карпош апсолутно ќе им биде поддршка, од секој аспект, но главната иницијатива, идеја мора да дојде од младите – изјави Богоев.

Тој истакна дека локалната самоуправа веќе има назначено и службеник за млади, а во постапка е и изнаоѓање на простор за отворање на канцеларија за млади, обврски согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Сепак, надвор од формалните и законски обврски, градоначалникот Богоев посочи дека Карпош интензивно годиниве работи на создавање на „клима“ за поддршка на младите луѓе и младинските организации.

-Создадовме мобилна апликација, „мЗаедница“, која најчесто ја користат младите, а летово, во општинската администрација посетуваат пракса средношколци од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“. Ова не ни претставуваше законска обврска. Но, токму овој отворен пристап, соработка со сите чинители и активна транспарентност, придонесе Карпош да биде најтранспарентна институција во државата, заедно со Министерството за одбрана. А, транспарентноста значи законско и одговорно работење, кое е во интерес на сите граѓани-потенцираше Богоев.

Во завршниот дел, тој одговараше и на прашања на присутните млади, при што кажа дека земјава има квалитетни закони во повеќе области, но проблем е имплементацијата.