Пред нешто повеќе од 12 години нивната земја не ни постоеше, а денес кошаркарите на една од најсиромашните земји во светот изборија настап на Олимписките игри.
Со победата над Ангола, Јужен Судан стана најдобрата африканска репрезентација на Светското првенство и со тоа избори настап во Париз следната година.

На овој Мундобаскет, Јужен Судан, Ангола, Египет, Република Капе Верде и Брегот на Слоновата Коска се бореа за едно место на Олимписките игри што и припаѓаат на Африка, а бидејќи ниту една од тие селекции не се пласираше во вториот круг, тие водеа „војна“ за најдобропласираната селкција од 17. до 32. место.

По првото коло од втората рунда беше јасно дека во конкуренција останаа три репрезентации, Ангола против Јужен Судан кои играа меѓу себе, и Египет кој играше против Нов Зеланд.

Египет да победеше против Нов Зеланд, ќе се гледаше кош разликата меѓу нив и Јужен Судан, кој убедливо ја совлада Ангола (101:78), но Рубен Те Ранги со две слободни фрлања за Нов Зеланд на 17 секунди пред крајот на натпреварот гоп донесе својот тим во водство од 88:86.

Египет потоа имаше два обиди за победа, но Амр Ел Генди и Амр Захран беа непрецизни и славењето во Јужен Судан започна.

Најголем придонес за славјето имаше Карлик Џонс, кој за Ангола постигна 26 поени и имаше 15 асистенции и 7 скока и со тоа влезе во кошаркарската историја. Имено, никој досега не поврзал три натпревари на еден светски шампионски турнир со најмалку 10 асистенции.

Досега четворица играчи имаа по два вакви натпревари, а еден од нив беше Тони Кукоч, кој тоа го направи на Светското првенство во 1994 година. Преостанатите тројца се Денис Шредер, Тремонт Вотерс и Томаш Саторански.

Џонс се етаблира како најдобар играч на Јужен Судан. На пет натпревари на Мундобаскетот, тој имаше просек од 20,4 поени со 10,4 асистенции, 4,8 скока и 1,2 украдени топки и шутираше 48,1%. Тоа е вистински излез за него на големата сцена, иако минатата сезона овој 183 сантиметри висок бек го привлече вниманието кон себе. Тој беше МВП и најдобар стрелец во развојната НБА лига – Г-лигата. Тој имаше просек од 26,1 поен, 7 асистенции, 4,4 скока и 1,7 украдени топки, што му донесе договор со Чикаго Булс за следната сезона.

Само ако се погледнат лигите во кои играат репрезентативците се гледа дека тоа се претежно скромни натпреварувања, па успехот на Јужен Судан на Мундобаскетот е уште поголем. Сето тоа е постигнато благодарение на Луол Денг, кошаркарската легенда на таа земја, кој е и симбол на независноста на оваа земја.

Роден е во Вау, Јужен Судан, но неговите родители побегнале во Англија поради големата војна што го потресе Судан помеѓу 1983 и 2005 година и беше еден од најдолгите и најкрвавите вооружени конфликти во историјата. Во таа војна загинаа околу два милиони луѓе и тоа беше најголемиот број на цивилни жртви во воен конфликт од Втората светска војна. Поради сето ова, моментално дури една третина од населението на Јужен Судан живее под прагот на сиромаштија.

Поради ова Денг секогаш одбивал да каже дека е од Судан, но се претставувал како државјанин на Велика Британија, чиј пасош го добил и за чија репрезентација настапувал. Но, сè се промени за него кога Јужен Судан се бореше, а подоцна се избори за независност.

При претставувањето во НБА, каде играше за Чикаго, Кливленд, Мајами, ЛА Лејкерс и Минесота, Денг побара да не биде објавен како поранешен член на Универзитетот Дјук, туку да биде од Јужен Судан.

Денг веројатно жали што никогаш не играл за Јужен Судан, но направил се за неговата репрезентација да го постигне овој успех.

Беше селектор во квалификациите за Светското првенство, но сега таа улога му ја препушти на Ројал Ајви, поранешен НБА играч и сегашен асистент во Хјустон Рокетс, додека Денг ја задржа улогата на помошник тренер, но и претседател на Кошаркарската асоцијација на Судан. Тој ги анимираше и сите играчи кои имаат корени од Јужен Судан и сигурни сме дека ќе се обиде да најде уште неколку за Олимпијадата следната година.