Предлог-законот за корупција пуштен во собраниска процедура со европско знаменце

43

Предлог – законот за спречување на корупција од страна на Владата е пуштен во собраниска процедура, но овој пат со европско знаменце, за да се спречи секоја шанса законот да биде блокиран, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа појасни дека законот веќе извесно време се подготвува и е еден од типичните примери како треба да се работи на важен закон, земени се предвид сите забелешки на ЕК и, според неа, предвидува формирање вистинска антикорупциска комисија која што ќе ја има и независноста и моќта да се бори против корупција.

-Се работи за текст којшто предвидува навистина високи критериуми за кој било да биде избран за претседател или член на комисија. Меѓутоа од друга страна на комисијата и дава зголемена моќ. Ќе имаат пристап до банкарски сметки, ќе имаат пристап до различни бази на податоци кои досега им биле затворени. Ќе можат да истражувааат можности за корупција кај поединци, но и финансирањето на политичките партии и ова се важни работи за да покажеме дека има политичка волја за борба против корупциија, но и да покажеме резултати за борба против таа корупција, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на караулата Богородица во близина на Гевгелија, каде престојуваат припадници на АРМ распоредени на јужната граница.

Таа потсети дека Законот претходно влегол во собраниска процедура, меѓутоа уште на Комисијата за политички систем, како што истакна, било очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го блокира носењето на законот и најголем дел од нивните амандмани за кои се водела и долга дискусија се однесувале на намалување на критериумите за избор на членовите и на намалување на компетенциите и моќта на комисијата.

-Предлозите од страна на ВМРО ДПМНЕ велат да немаат пристап до банкарски сметки, да немаат пристап до бази на податоци, да не можат да испитуваат финансирање на политички партии. Мене тоа навистина ми беше чудно. Затоа што јас сметав како опозиција ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира повисоки да бидат критериумите и појака да биде антикорупциската комисија. Се потрудивме неколку дена да најдеме заеднички јазик. Најавивме дека одреден број амандмани, кои не се спорни, а се предложени од нивна страна ќе ги прифатиме додека не можеме да преговараме за да се уништи практично комисијата и законот пред нејзино донесување, вели министерката за одбрана.

Таа нагласи дека и во текот на вчерашниот ден имало обид да се најде и да се постигне некаков договор, но тоа повторно било одбиено.

-На претпоследната седница на Влада повторно го утврдивме законот и го пуштивме во Собранието со европско знаме, за да ја елиминираме секоја шанса законот да биде блокиран и да биде одложен. Од една страна опозицијата вели власта го одлага законот и комисијата, а практично видовме дека ВМРО се труди да го одолговлекува овој процес. За нас е многу битен квалитетот на законот и за нас е битно Македонија да добие вистинска комисија за борба против корупцијата. И тоа ќе го напраивме сега со истиот текст но предложен со европско знаме, рече Шекеринска.

Запрашана дали е можно таа да биде консензуален кандидат за претседател на РМ, Шекеринска рече дека во моментов целиот фокус на Владата и нејзиниот личен е посветен на стратешката цел на државата, а се однесува на заокружување на уставните измени и имплементацијата на Преспанскиот договор.

-Би било изневерување на таа доверба сега дел од нашата енергија да оди на следните избори. Целиот фокус на Владата е посветен на овој процес и убедени сме дека процесот прво ќе биде успешен и второ дека ќе биде многу важен за иднината на Република Македонија, додаде Шекеринска.