Предлогот на Пол Вилјамс – желботека на ДУИ

ПО НАЈАВИТЕ НА ДУИ ДЕКА НАЦРТОТ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА ЕКСПЕРТСКА ЈАВНОСТ, АНАЛИТИЧАРИТЕ КОМЕНТИРААТ

133

Нацрт-платформата на Пол Вилијамс за заштита на легитимитетот и мнозинството бил разгледан, анализиран и коментиран на состанокот на Претседателството на ДУИ, а ќе биде предмет на анализа и на други експерти. Ова го изјави потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми.

-Ги правиме последните консултации и коментари во однос на предлогот. Го разгледавме првиот нацрт на платформата за легитимност подготвена од Пол Вилијамс, како и други идеи од експерти од земјата и членови на Централното претседателство на партијата. Расправата за ова многу важно прашање продолжува поради сериозноста на регулирањето на прашањето на легитимитетот. Решивме централната манифестација да ја одржиме на 13 август. Одлучено е и од септември ДУИ со сите свои капацитети да излезе на терен, од Струга до Сопот, изјави Адеми.

Се работи за документ нацрт на закон за влада, кој по нарачка на ДУИ го изработи Вилијамс, кој во македонската јавност е познат како еден од авторите на Охридскиот договор од 2001 година. Според Адеми, со нацртот на новиот закон за влада, треба да се воведе принципот победник со победник.

– ДУИ е потврдена политичка партија која секогаш се залага за добро на граѓаните. Ние се залагавме и се залагаме за нашата западна ориентација на нашата земја, но исто така велиме дека ќе ги искористиме сите демократски механизми што ни се на располагање за да се санкционира, да се почитува волјата на граѓаните изразена на слободни и демократски избори. Тоа значи дека Владата мора да го одрази меѓуетничкиот легитимитет, рече Адеми.

Според аналитичарите, документот подготвен од Вилијамс, е нарачка на ДУИ и е бесмислен обид на опозициската партија, бидејќи се свесни дека веќе ја немаат потребната поддршка.

Аналитичарот и колумнист Агим Јонуз, за весникот ВЕЧЕР, коментираше дека тоа е едностран чин, кој без да е валидизиран од државните структури е бесмислен. Според него, за да некој документ стане дел од важечкиот поредок тој треба да биде побаран и усвоен од сите државни структури.

 

-Секоја партија може да ангажира кој и да сака стручњак, кој во интерес на побарувачот може да адаптира каква и да е вистина. Без јавно и општо-државно побарување на стручна помош и легитмитетот на чиј било став или насоки може, но не се законски обврзувачки да бидат земени предвид. Лично сметам, со почит кон ДУИ, ова е едностран чин кој повторувам без валидизација на државни структури е бесмислен, изјави Јонуз.

И аналитичарот Џенур Исени, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека од  ДУИ се свесни дека веќе ги загубија симпатиите на меѓународниот фактор во земјава и дека што и да предложат од пакетот на Вилијам, не верува дека ќе помине во Собранието со оглед на кревките односи и со ВМРО и со СДСМ.

-Од ДУИ никако да се помират дека се во опозиција. Сега се загрижени дека не се омилен партнер ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ и со овие трикови се обидуваат да го задржат во темпо и најпростиот член на партијата, бидејќи всушност немаат повеќе да понудат, изјави Исени.

Од ДУИ и вчера преку партиско соопштение побараа да се институционализира и нивното барање за ветинг со меѓународен мониторинг.

-Поминаа три дена и сè уште нема барање од политичките партии и моноетничката влада до меѓународната заедница за меѓународно мониториран ветинг. Стравот од целосен ветинг не се покрива со небулозни соопштенија. Јасно е дека секое доцнење во овој процес само ќе ги засили сомнежите на граѓаните за вистинската посветеност кон борбата против корупцијата. Бараме веднаш да започне меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години, додаваат од ДУИ.

Од владејачката партија пак им одговорија во ист стил.

-Поминаа три дена и ДУИ сè уште не сака да го слушне одговорот кој веќе го упативме. Без разлика на партиска, етничка или верска припадност, кој се огрешил пред законот и ги излажал и ограбил граѓаните има право да се плаши иако тоа нема да помогне многу. Законите треба да се почитуваат, а не се почитувале досега, односно токму ДУИ и СДС ги злоупотребувале не само за партиски пресметки туку и со изигрување за нивно богатење, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.