Заслугата за претставување на песната „Љубов“ на Гане Тодоровски, на македонски и на англиски јазик, во престижното њујоршко списание за поезија, превод и меѓународна култура, е на руско-македонската поетеса и преведувачка Софија Поповска. Ова е прв превод на македонски јазик поместен во списанието „Circumference“, каде што можат да се сретнат и преводи на дела на автори од целиот свет кои творат на четириесетина јазици

 

Песната „Љубов“ од великанот на македонската литература Гане Тодоровски (1929 – 2010), на оригинален македонски јазик, како и во превод на англиски јазик, за првпат е објавена во едно од најпрестижните литертурни списанија во светот „Circumference“, проект на Њујоршката фондација за уметност. Заслугата за претставување на песната „Љубов“ на Гане Тодоровски во престижното њујоршко списание за поезија, превод и меѓународна култура, е на руско-македонската поетеса и преведувачка Софија Поповска, која во моментот живее во Германија. Таа на конкурсот на ова списание се пријави со превод на повеќе песни на македонскиот поет, книжевен критичар и историчар Гане Тодоровски.

Познавачите на состојбите со преводите во светот велат дека ова е значајна работа за афирмација на македонскиот јазик со оглед дека се работи за списание кое има високи критериуми во однос на преводот, а пред сè во светски рамки се афирмира поезија двојазично на оригиналниот јазик на кој е пишувано и на англиски јазик.

„’Circumference’ е двогодишно списание за поезија, превод и меѓународна култура. Ние веруваме дека преводот е витален дел од јавниот и уметничкиот дискурс. Во печатено издание и онлајн објавуваме нови преводи на поезија, драма и есеи, особено – но не исклучиво – од современи автори. Ние сме заинтересирани за интервјуа и дијалози помеѓу уметници и мислители од сите полиња, како и за профили и други проекти кои фрлаат светлина врз книжевната и уметничката практика низ светот“, посочуваат од уредувачкиот тим на списанието, кое токму поради високите критериуми кои ги има е особено ценето во светски рамки.

Оттаму додаваат дека бараат преводи на нова поезија што се пишува низ целиот свет, преводи на поети од минатото кои можеби не им се познати на американските читатели.

„Би сакале да дознаеме за автори кои претходно не се појавиле во превод на англиски јазик и за дела на јазици кои често не се преведуваат на англиски. Како што растеме, можеме да допреме до сè повеќе и повеќе луѓе, во Њујорк, низ Соединетите Американски Држави и ширум светот, а со нас расте и заедница на писатели, уметници, поети, преведувачи и читатели“, велат од ова двојазично списание за поезија, преводи и интернационална култура  кое стана познат афирматор на литературата од целиот свет. Во списанието е претставен и Гане Тодоровски како македонски писател, а во рамки на ова списание се објавени дела на автори кои творат на грчки, норвешки, шведски, турски, француски, италијански, руски, португалски, индонезиски, литвански, украински…, како и на босански, словенечки и хрватски јазик.

Инаку, преведувачката Софија Поповска е голем ентузијаст кој верува дека е од голема важност заемното запознавање на културите. Нејзиното прво објавено дело е збирката поезија „Лица во толпата“, објавена во 2021 година од „Дијалог прес“. Дел од нејзините дела се објавени во книжевното списание „Експат прес“ и во печатеното списание „ЕксЛибрис“. Таа има понуда да продолжи со понуда на нови преводи за списанието „Circumference“, кое еднаш годишно има конкурси за превод. Тие песните ги објавуваат на нивните оригинални јазици заедно со преводите на англиски јазик, што е поттик и за останатите преведувачи во нашата држава со цел промоција и на македонскиот јазик. Песната „Љубов“ на Гане Тодоровски, кој е вистински промотор на македонскиот јазик, е објавена во 1969 година од страна на издавачката куќа „Мисла“. (Д.Т.)