Александар Стеванов и Катерина Николовска-Тери од Македонија ја добија првата награда на четвртиот меѓународен конкурс во рамки на Стрип-фестивалот во Ваљево. Жирито во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот, Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник, и Ана Новаковиќ, историчарка на уметност, едногласно одлучија наградата да им припадне на овие два автора по потекло од Штип за стрипот „Приказна за безбојното мече“. За овој стрип неколку месеци претходно тие го освоија третото место на конкурсот во рамки на Меѓународниот стрип салон во Велес.

Ова не е прво признание за Николовска и Стеванов на фестивалот во Ваљево. Во 2018 година, жирито во истиот состав ним им ја додели високата втора награда за стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“.

„Особено ме радува тоа што првата награда доаѓа од фестивалот во Ваљево, кој високо го вреднувам, како и тоа што наградениот стрип ми е меѓу омилените од мојот сценаристички опус. Мислам дека и Катерина се надмина себеси при неговата визуелна реализација, поради што, ете, и резултатите не изостанаа“, изјави Стеванов.