Празнични ванилици

140

Познати и како гурабии овие слатки залачиња кои порано традиционално се приготвувале со маст, се неизбежен украс на трпезите околку божиќните празници. Едноставно неодоливи како и состојките од кои се приготвуваат-маст, шеќер и јатки. Постојат и посни верзии на овие слатки, ама овие со маст или путер се нешто посебно. Пригответе ги по овој рецепт, и уживајте.

Потребно е:

  • 100 г шеќер
  • 1 јајце
  • 125 г путер
  • 125 г маст
  • 1 кесиче ванилин шеќер
  • 200 мл јогурт
  • 600 г брашно
  • 1 кесиче прашок за печиво
  • 100 г сечкани бадеми
  • шеќер во прав за наросување/валкање

Приготвување:

Измешајте ги шеќерот, ванилиниот шеќер и јајцето во сад. Потоа додадете го јогуртот и омекнатите путер и маст. Убаво измешајте па додавајте го постепено брашното измешано со прашокот за печиво.Треба да добиете тесто што нема да е премногу меко, ама ни премногу тврдо. Сами треба да процените дали ќе го ставите целото брашно, помалку или повеќе. Додадете ги исечканите бадеми и убаво измешајте.

Направете кора со дебелина од 2 сантиметри и со помош на калапи извадете форми и ставете ги во сад за печење обложен со хартија за печење.

Печете на 180 степени Целзиусови околу половина час или помалку.

По печењето, извакајте ги колачињата во шеќер во прав.