Прагот на ПМ10 надминати во Битола, Тетово и Струмица

78

Во Битола на мерното место Битола 2, Тетово и Струмица е надминат прагот на ПМ10 честичките, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 188 g/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Ве информираме дека истиот е надминат во Битола на мерното место Битола 2, Тетово и Струмица, се наведува во соопштението.

Во Битола среднодневната концентрација на ПМ10 завчера изнесувала 266,92 грама на метар кубен, а вчера 267,08 грама на метар кубен, во Тетово 196,61 грама на метар кубен на 17 јануари, а вчера 201,20 грама на метар кубен, а во Струмица 276,41 грама на метар кубен на 17 јануари, а вчера 300,68 грама на метар кубен.

Министерството за животна средина за надминувањето на прагот ги информирало министерствата за здравство, за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот.

Согласно заклучоците од 40 владина седница, одржана на 28 ноември 2017 година во сила стапуваат следните препораки и мерки:

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Да им препорачаат на правните субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемените активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како единиците на локална самоуправа да ја намалат до педесет отсто употребата на службените возила и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените домови и единиците на локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспектора да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50отсто) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.