ПО 70 ГОДИНИ: Нова трева, зеленило, патеки и клупи за вториот дел од Градски парк

60

Вториот дел од Градски парк на потегот од Луна паркот до хотелот Александар Палас ќе биде целосно партерно и хортикултурно уреден. Како што најави директорот на ЈП ”Паркови и зеленило”, Адријан Муча, во моментов со ЈП ”Водовод и канализација” се прави проект за доток на вода и за поставување на прскалки кои ќе ги наводнуваат новите тревни површини што ќе се подигнат на тој потег.

– Овој дел на Градски парк не е уредуван 70 години. Оваа година заедно со Град Скопје ќе го уредиме со тоа што патеките кои се во руинирана состојба ќе ги изгради ЈП ”Улици и патишта”, а Град Скопје ќе ја постави урбаната опрема, како клупи и корпи за отпадоци – рече Муча.

Првиот дел од паркот пред фудбалската арена “Филип Втори”, се заштитува од дивото паркирање на автомобили.

– Во тек е реконструкција на оштетените рампи, а на дивите премини кон овој дел од паркот ќе поставиме заштитни столпчиња, вели Муча.

Тој најави дека наскоро ќе започне партерно и хортикултурно уредување на просторот позади Македонска филхармонија за што ќе бидат потрошени 7 милиони денари. Овој парк е дел од 43 површини што се планира да бидат уредени во градот.

– Ако времето деновиве биде убаво, ќе почнеме со подигање на нови и реконструкција на тревни површини и зеленило. Плановите ни се на сите средни жардиниери и на булеварите да засадиме зимзелени дрвца, како што се булеварите “Крсте Петков Мисирков”, “Никола Карев” и “Александар Македонски”. Годинава планираме да засадиме над 12.000 дрва бидејќи имаме поголем буџет за оваа намена од ланскиот кога засадивме 8.000 дрвца со буџет од 80 милиони денари, рече Муча кој се пофали дека, по неколку години, 2018 ја завршиле во плус од 300.000 денари.
(С.Бл.)