По 50 години се гради канализација и се обновува водоводот на улица „Петричка“ во Маџир Маало

175

Со грант од 8 милиони евра од Министерството за транспорт и врски, општина Центар започна со поставување на атмосферска и фекална канализација, но и реконструикција на водоводната мрежа на улицата „Петричка“ во Маџир маало во должина од 450 метри.

Според градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, со овој зафат се решаваат реални проблеми на жителите, бидејќи активности за нова и обнова на постојната комунална инфраструктура во населбата што е во најстрогиот дел на Центар немало 50 години.

– По поставувањето цевки, канализација и мрежа, следува целосно асфалтирање на улицата на површина од 2.700 квадратни метри и поставување на сите дополнителни елементи. Ме радува фактот што централната власт преку грантови ги помага општините и заедно и со сопствени средства успеваме да ги решаваме проблемите коишто, за жал, се оставени во изминатиот период. Добро е што централната власт средствата ги наменува за вистински реални проблеми, а не за непродуктивни  трошоци – изјави Богдановиќ.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески нагласи дека станува збор за сериозен капитален дел во овој дел на општината и Скопје.

– Со изградбата на оваа атмосферска канализација и реконструкцијата на водоводната мрежа ќе решиме уште еден проблем на граѓаните на овој дел на Скопје. Жално е што во 21 век се уште разговараме за водоводи и канализации, меѓутоа основна наша цел е во секое населено место и секаде каде има потреба од изградба и реконструкција тоа и да биде направено – рече Сугарески.