По 19 часот гласаат само граѓаните затекнати на избирачките места

35

Иако беше предвидено избирачките места да бидат затворени во 19 часот, изборниот процес продолжува се додека не гласаат граѓаните кои се затекнати во објектите за гласање.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, на прес-конференцијата во 17 часот рече дека на сите граѓани кои се дојдени на избирачките места до 19 часот ќе им биде овозможено да гласаат.

На денешните седми локални избори право на глас имаа 1 824 864 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места.

Граѓаните својот глас можеа да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

Првпат оваа година гласачите се идентификуваа со уреди за биометриска идентификација преку отпечаток од прст. Овие уреди ги содржат само личните податоци за гласачите од Избирачкиот список во избирачкото место.

Исклучок од гласањето со уреди за биометриска идентификација се лицата кои гласаа вчера – болните, немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања биле прифатени од општинските изборни комисии. Вчера гласаа и затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.

Резултатите од првиот круг на изборите се очекуваат околу полноќ. Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови во согласност со член 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Во вториот круг на гласање за градоначалник е избран кандидатот кој добил поголем број гласови.

Ако и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.

Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.

Локалните избори ги мониторираат 1045 набљудувачи од кои 714 домашни. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 217 набљудувачи.

Поради пандемијата со Ковид -19, Локалните избори се спроведуваат со почитување на општите мерки за заштита од Ковид-19.