Милан Николиќ или Мишо (47), еден од тројцата најбарани Хрвати на листата на најбарани бегалци според Европол, е уапсен по 12 години во бегство и криење, во Пожаревац, Србија. Николиќ е осуден на 15 години затвор за убиство од личен интерес. Го убил Гојко Вујчиќ, познат лихвар од Макарска, во 2005 година.
Осудениот убиец Милан Николиќ, според хрватските медиуми, бил уапсен во август во Пожаревац, Србија, врз основа на меѓународна потерница распишана по него уште во јули 2011 година.
Николиќ моментално се наоѓа во истражен екстрадициски притвор. Постапката е во тек пред српскиот суд, по што осудениот убиец треба да биде екстрадиран во Хрватска.
Инаку, Гојко Вујчиќ, познат бизнисмен и лихвар од Макарска, беше убиен на 21 ноември 2005 година во Подгора од истрели од огнено оружје, а потоа беше фрлен од карпа на плажа.
Според правосилната пресуда донесена од Жупанискиот суд во Сплит, Николиќ го организирал убиството со уште неколку лица, кои досега никогаш не биле идентификувани, пишува хрватскиот портал 24сата.
Од лихвар зел најмалку две илјади евра. На телото на Вујчиќ се констатирани три прострелни рани – две на главата и една на градниот кош.
Утврдено е и дека Вујчиќ бил сè уште жив во моментот на падот од карпата, а оружјето со кое бил убиен никогаш не било пронајдено.
Клучно за пресудата беше сведочењето на Мате Лалиќ кој кога во медиумите видел дека Вујчиќ е убиен со оружје од италијанско производство калибар 6,35 мм, веднаш се сетил на пиштолот што му го дал на Николиќ.
Лалиќ пред судските органи тврдел дека наведениот пиштол го дал поради долгови, но кога ги собрал парите и го побарал пиштолот назад, Николиќ му рекол дека го изгубил.
Подоцна, Николиќ во полиција изјавил дека пиштолот му го дал на Златан Филиповиќ, кој е еден од обвинетите во овој случај.
Но, постапката против Филиповиќ беше прекината откако тој достави потврда од белградскиот суд дека на денот на убиството, 24.11.2005 година, бил зафатен со тужба за старателство над синот.
Затоа, Николиќ можел слободно да ја чека пресудата, која му овозможила да исчезне и да избегне отслужување на казната. Уште тогаш се шпекулираше дека побегнал преку граница во Бања Ковиљача во Србија, од каде што е неговиот татко.
Инаку, таткото на Николиќ тогаш раскажа како неговиот син извадил нови документи по ослободувањето од притвор.