Багер нема да заигра за Универзална сала

111

Во одбрана на Универзална сала застана и фејсбук-групата „Градот убав“, каде што граѓаните се повикуваат на собир под мотото „Солидарни за срцето на Скопје“, на 6 август во 20 часот, да дојдат на платото на Универзална сала и да го изразат својот револт против уривањето на овој објект

 

Неизвесноста околу судбината на Универзална сала продолжува. Бурните реакции од граѓаните на социјалните мрежи не стивнуваат. Малкумина се на ставот дека Универзална треба да се урне, додека повеќето граѓани сметаат  дека овој симбол на Градот треба да претрпи целосна реконструкција и да се задржи на постојното место.

Реакциите не стивнуваат ниту по брифингот на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, кој се чини дека полека, но сигурно ретерира од цврстиот став и првичната идеја Универзална сала да се урне и на нејзино место да се изгради парк и летна сцена.

Според Шилегов сите опции се во игра. Поточно, една опција е да се гради нова сала на постојната локација, втората да се гради на нова локација, а да се урне постојната и последната е да се реставрира постојниот објект и да се изгради нова мултимедијална сала на нова локација.

Тој се изјасни дека лично би сакал да се реализира третата опција, поточно да се реставрира постојната Универзална сала и да се изгради нова мултимедијална сала на нова локација, со што Универзална би останала во постојната големина, а Скопје би добил нов објект, во кој би биле сместени и други културни институции како Театарот за деца и млади, КУД „Танец“, а би имало и конгресен центар.

-Јас овие идеи ги отворам, за нив да се произнесе и Владата, стручната јавност, но и граѓаните. Ако треба, ќе имаме и референдум за ова прашање – изјави на прес-конференцијата Шилегов.

Во одбрана на Универзална сала застана и фејсбук-групата „Градот убав“, каде што граѓаните се повикуваат на собир под мотото „Солидарни за срцето на Скопје“, на 6 август во 20 часот, да дојдат на платото на Универзална сала и да го изразат својот револт против уривањето на овој објект.

На референдум повика и Цивил.

-ЦИВИЛ донесе одлука да поднесе иницијатива за локален референдум за Универзална сала, дали ќе се гради на нова локација, дали ќе се реставрира сегашниот објект или ќе се урива, а на негово место ќе се гради парк… За тие и други прашања поврзани со оваа тема, најдобро е да се организира референдум-најавија од оваа организација.

Оттаму се на ставот дека овој важен објект заслужува широка граѓанска дебата и одлука за неговата судбина.

-Потребно е да се побараат решенија за прашањата и на меѓународно ниво, а конечната одлука да биде донесена по одржување на консултативен локален референдум за судбината на Универзална сала – сметат од Цивил.

(А.П.)