Кој од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја наследи разрешената техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи сеуште е неизвесно. Една од варијантите е ВМРО-ДПМНЕ да одбие даде предлог со образложение дека со самото разрешување се прекршува претходно договореното за техничката влада.
Пратеничката Благица Ласовска изјави дека „ситуацијата се уште се анализира“, а на прашање дали и кога ќе предложат ново име таа само рече „ќе бидете навремено известени“.
-Сé уште се анализира ситуацијата за евентуално доставување нов предлог за технички министер за труд и социјална политика, а согласно Централниот и Извршниот комитет, претседателот на партијата го има овластувањето за тоа одлучување, рече Ласовска.
Според Ласовска, која даде изјава за медиумите пред почетокот на собраниската седница на која треба да се гласаат законите за ЈО и измените на Законот за Совет на јавни обвинители, ВМРО-ДПМНЕ се надева дека Собранието денеска ќе се распушти и дека ќе има избори на 12 април како што било договорено кај претедателот на државата, Стево Пендаровски.
-Ако политичарите од владејачкото мнозинство се сериозни, тогаш треба да останат на договорот и Собранието да биде распуштено, истакна Ласовска, одговорајќи на новинарски прашања.
Претходно, Ласовска се осврна на разрешувањето на Рашела Мизрахи и уште еднаш побара од премиерот Оливер Спасовски, ако причината за ваквата одлука навистина била таблата со името Република Македонија, тогаш да бидат разрешени и сите останати директори и надлежни лица од институциите чие име се уште не е сменето и на чии табли се уште стои Република Македонија.
-Лицемерието на хибридниот режим на Зоран Заев целосно се разобличи со разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи. Таа не го прекрши ниту законот, ниту Уставот. Напротив, ја разрешија зашто го откри и не молчеше за криминалот кој бил правен претходно во министерството, неодговорното работење и неспособноста на кадрите на СДСМ, нагласи Ласовска и покажа документи од институциите чие име се уште не е сменето.
-Оливер Спасовски го користи терминот Македонија. Дури и Никола Димитров, кој хистерично бараше разрешување на Мизрахи, го користи терминот Македонија. Спасовски требаше да побара разрешување на Димитров и самиот себе“, рече Ласовска.