По ремонтот пуштен во функција Блок 2 на РЕК Битола

42

Заврши капиталниот ремонт на Блок 2 на РЕК Битола. Постројката е синхронизирана со електроенергетскиот систем на РСМ и испорачува електрична енергија согласно потребите на потрошувачите.

Како што информираат од Електрани на Македонија ремонтните активности на Блок 2 на РЕК Битола започнаа на 7 септември и за време на зафатот беше направен капитален ремонт на турбината, за првпат после осум години. Паралелно се одвиваше и првата фаза од реконструкцијата на разладната кула на постројката. Со тоа, зголемена е доверливоста и ефикасноста на Блокот.

По вклучувањето на Блок 2, од работа ќе биде исклучен Блок 1 на РЕК Битола и производството од комбинатот ќе продолжи со Блок 2 и Блок 3, согласно планот за производство на АД ЕСМ и потребите на системот.

-Во моментов, електроенергетскиот систем на земјата има доволно количество на струја што ја обезбедуваат капацитетите на компанијата. Блок 1 на РЕК Битола ќе остане во состојба на “ладна резерва”, подготвен да биде вклучен во производствен процес во секој момент кога ќе има потреба електроенергетскиот систем на државата-велат ЕСМ.

Во периодот од 01.01.2019 година до 02.12.2019 година, РЕК Битола од планираните 3.025 GWh произведе 3.252 GWh електрична енергиија, односно 108 проценти од планираното.