По полноќ на Табановце за секој српски автомобил по една бесплатна картичка за патарина, за почеток подготвени 65.000

1837

Ноќеска веднаш по полноќ припадници на МВР на граничниот премин Табановце на српските туристи кои ќе транзитираат по коридорот 10 на пат кон Грција ќе почнат да им ги делат М-Смарт картичките за патарина.

На картичките има пари колку што чинат сите патарини во двата правца. Српските туристи ќе треба да ги отчукаат на наплатните рампи и без никаков трошок да го поминат Коридорот 10 низ нашата држава.

Како што информираат од Владата за Вечер.прес, од вкупно планираните 200 илјади картички, во првата количина Јавното претпријатие за државни патишта изработило 65.000 и ги предало на МВР.

-Ви посочуваме дека М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат сукцесивно, според утврден акциски план. Право на користење на картичките ќе имаат сите српски државјани кои патуваат со автомобил низ Република Северна Македонија по Коридор 10 на кој патарините се опремени за користење на овој систем за наплата. Ќе се издава по една картичка по автомобил при влез на граничниот премин Табановце за што контрола ќе прави Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта. На секоја од картичките има сума од 760 денари колку што е потребно за патарина во двата правци по автопатот „Пријателство“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека картичките остануваат во трајна сопственост на српските граѓани, кои ќе имаат можност да ги надополнуваат преку системот е кард,  со не помалку од 300 денари, за следен влез на територијата на Северна Македонија.

-Ова е гест на благодарност кон Република Србија и српските граѓани кои секогаш се добредојдени одморот да го поминат во Северна Македонија, посочуваат од Владата за Вечер.прес.

Српските граѓани ќе добиваат бесплатни М-Смарт картички при влез во нашата држава до 15 август, а за тоа од државниот буџет се планирани 2,8 милиони евра.

Оваа привилегија е предвидена само за српските граѓани кои патуваат по Коридорот 10. Патарините од свој џеб ќе треба да си ги плаќаат Србите кои патуваат по Коридорот 8, по кој одат на одмор во Охрид. Но, затоа пак, охридските хотелиери за нив понудија попусти на аранжманите до 20 проценти, а советот на Општината ги ослободи од плаќање паркинг.

С.В.