Оркестарот на Македонската филхармонија овој четврток, со почеток во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „Љубов, страст- фламенко!“. Диригент е Кристијан Васкез од Венецуела, а како солистка ќе настапи фламенко пејачката Марина Ередија од Шпанија.
На програмата се дела од Лорка, Де Фаља и Гинастера.

„Оваа година, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените го посветивме на исклучителната шпанска форма на танц, песна, инструментална изведба – неповторливото и секогаш возбудливо ФЛАМЕНКО! Во срцето на шпанското фламенко е т.н. „канте“, односно традиционалната форма на песна инспирирана од животот на Циганите во јужна Шпанија. Оваа форма на песна/пеење е динамичка, застрашувачка, екстатична, но во исто време и спонтана и медитативна. Во музиката има драматични промени на расположенија, динамика и темпо што бараат внимание и емпатија. Станува збор за т.н. „длабока песна“, како што ја нарекол познатиот шпански поет и композитор Федерико Гарсија Лорка“, велат од Филхармонија.

Родена во Гранада, Марина Ередија пее уште од нејзиното детство. На тринаесет години пее на фламенко-албумот за деца „Malgré la nuit“. Соработувала со познати шпански фламенко-уметници како Аркангел и Ева Јербабуена, и на уметнички проекти како во операта „De amore“ од Маурицио Сотело, која премиерно беше изведена во престижниот аудиториум „Карл Орф“ во Минхен и во театарот Зарзуела во Мадрид. Оттогаш нејзината кариера ја води на најзначајните светски сцени. За нејзиниот фламенко-албум со нови класични песни, ја доби наградата за најдобар фламенко-албум.

Кристијан Васкез е еден од најпрофилираните музички таленти од Венецуела, кој гради успешна интернационална кариера. Познат по својата харизма на сцената и по моќните изведби и музичкиот интегритет, Васкез продолжува да го привлекува вниманието на светската јавност како еден од највпечатливите диригенти на денешнината.