Општина Карпош нема механизам да отстранува хаварисани возила оставени на јавна површина на нејзина територија. Карпошани се жалат дека ваквите возила зафаќаат паркинг- места, а немаат каде да ги пријават затоа што од Општината се изјаснија дека се ненадлежни.
– Каде може да пријавиме оставени хаварисани возила кои зафаќаат паркинг-места? Кај нас, на паркингот во Козле, има три-четири веќе. Вие се огласивте ненадлежни како општина, а паркингот ни стана депонија – вели жителка на Козле.
Од Општина Карпош велат дека имаат разбирање за ваквиот проблем, но дека се наоѓаат, како што велат, во законски теснец за конкретно решавање на проблемот.
– Во однос на хаварисаните возила, ние, како Општина, немаме надлежност да казнуваме, а постапката за нивно отстранување е многу комплицирана и сè уште неизводлива за нас, зашто не можеме да најдеме некое законско покритие кое ќе ги апсолвира сите можни закони: Законот за сопственост, Законот за опасен отпад, Законот за јавна чистота и уште многу други. Проблемот е што законите не се усогласени меѓу себе – објаснуваат од Општината.
Она што го имаат преземено како локална власт на тој план е што преку урбаните и месните заедници оставаат налепници на хаварисаните возила.
– Некои од граѓаните реагираа и ги отстранија возилата, но на другите возила, особено на оние што се со години во невозна состојба, многу тешко им се наоѓа сопственикот, пред сè поради тоа што повеќето не ни имаат таблички. Јасно ни е колкав проблем е тоа, но засега остануваме на ваквиот вид апели и предупредувања, додека целиот проблем не се апсолвира на повисоко ниво, со меѓуинституционална соработка. Пријавете во најблиската урбана заедница – препорачуваат од Општина Карпош.
Граѓаните не се согласуваат со образложението и велат дека возилата имаат таблички и преку нив лесно може да се најдат сопствениците.
– Јас пратив и слики од возилата и адреса каде се наоѓаат. Ова што го кажувате е терк кој упорно го праќате. Ако сакате, можете, во соработка со полицијата, да најдете решение, ама немате некој интерес да го решите проблемот – констатира оваа жителка на Козле.
Според неа, проблемот не се решава, затоа што подигањето на хаварисаните возила и транспортирањето до депонија се трошок за Општината, и затоа полесно им е да ги остават на паркинзите.
Во Општина Центар го решаваат овој проблем така што ЈП ПОЦ ги подига возилата и ги носи во депото на уништување на фирма со која имаат склучено договор, а по претходна согласност од сопствениците. Таму возилата се сечат и потоа се продаваат како старо железо.
(С.Бл.)