По одличните критики и претставувањето во Франција: „…Петрунија“ почнува со прикажување низ Швајцарија

71

По успехот во Франција, каде филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се прикажува од 1 мај, ова остварување во режија на Теона Стругар Митевска од 8 мај, ќе има проекции и во киносалите низ Швајцарија, а режисерката ќе присустува на 4 премиери во неколку градови во оваа земја.

Инаку во Франција по одличниот првичен прием, дистрибутерската куќа Пирамид се реши во втората недела да го зголеми бројот на киносалите во кои се прикажува филмот од 72 на 96. Од продукцијата Сестри и Брат Митевски

сооопштија и дека Петрунија доби одлични критики во француските медиуми. Престижниот месечен филмски магазин Позитив го најави како филм со еден од најубавите женски карактери видени на платно после долго време и го прогласи за филм на месецот. За Либерасион, пак, „Петрунија е тука и ќе остане. Не само што никој нема да се ослободи од неа, туку ќе направи своевидна револуција, без сценариото да наликува на бајка или морализирачка приказна, без фикцијата да стане вештачка“. Познатиот Ле Монд, пак, дава детална критика за филмот и истакнува: „Оваа особеност се должи на ликот на Петрунија, интерпретиран од Зорица Нушева, чиешто присуство на екранот ја преуредува целата галерија на претставување на женските ликови во кинематографијата“…

Во мај филмот ќе биде преставен и на 3 фестивали почнувајќи од Tirana Film Festival, Албанија, потоа на фестивал во Романија Transilvania Film Festival, каде филмот е откупен и за кино дистрибуција, и оттаму во Украина каде исто така ќе се дистрибуира, а ќе биде претставен најпрво на Molodist Film Festival, Киев.