По новата делница Требеништа- Охрид ќе може да се вози од крајот на август

145

Работата на автопатот Кичево-Охрид не е запрена, тврди министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, вчера вршеше увид во работите.

-Свесни сме за реакциите на граѓаните, но максимално сме посветени да се изгради безбеден и модерен автопат. Се приближуваме кон роковите за изградба. Коридорот 8 не е значаен само за нас, туку за цела Европа, рече министерот и додаде дека веќе нема да се толерира пролонгирање на рокот за изградба.

Тој информира дека на 8-километарската делницата Требеништа-Охрид, вчера, биле ставени 320 тони асфалт прв слој, а работите ќе продолжат интензивно со по 900 тони асфалт дневно, па по десната лента од делницата ќе може да се вози од крајот на август годинава, а по левата до крајот на годинава.

Според Бочварски, активно се работи и на клучките, тунелите, а одобрени се и 70 инфраструктурни проекти и сега има чист терен за работа.

Директорот на ЈПДП вели дека се пробиени 95 отсто од траса, а при крај е решавањето на постапките кај институциите.

-Од изведувачот денеска побаравме да се засили темпото на работа. Се работи на поголем број вијадукти, клучки, пристапни патишта, потпорни ѕидови, тунели и друго, рече Рустеми.

Автопатот е долг 57 километри и има пет делници. Предвидената вредност за изградба е 598 милиониенерг  евра. Освен ова се градат и 30 километри пристапни патишта и други придружни објекти. Според последниот анекс на договорот со изведувачот „Синохидро“, рокот за изградба на автопатот што почна да се гради пред осум години е крајот на 2023 година.

(С.В.)