По која цена ќе се точат горивата на бензинските пумпи, зависи и од Пендаровски

145

Денеска, 8 мај, завршува дваесетгодишниот договор со скопската рафинерија „Окта“, со кој РКЕ имаше обврска пресметката на цената на горивата да ја утврдува по утврдена методологија. Но веднаш по победата новиот претседател Стево Пендаровски, кој треба да биде инаугуриран в недела, на 12 мај годинава, посочи дека уште првиот работен ден тој ќе ги потпише сите закони кои досега не беа потпишани од досегашниот претседател, а тоа го кочеше развојот на повеќе сектори во државата

Дали горивата од идната недела драстично ќе поскапат или поевтинат одговорот го знаат трговците на нафта и нафтени деривати. На либерализацијата на пазарот на горивата ќе има влијание по која цена трговците ќе ја набават нафтата. На новата цена ќе влијае и цената на нафтата на светските берзи која неделава е над 73 долари за барел, како и курсот на доларот во однос на еврото.

Но, денеска, 8 мај, завршува дваесетгодишниот договор со скопската рафинерија „Окта“, со кој што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) имаше обврска пресметката на цената на нафтата и нафтените деривати да ја утврдува секој две недели по утврдена методологија, односно основа на крајната цена на горива беше производната цена на оваа рафинерија. По првомајските празници на 30 април годинава за последен пат беше донесена одлуката за цената на горивата што се точат на бензинските пумпи низ државата, методологија која се применува речиси од формирањето на Регулаторната комисија за енергетика. Досегашната методологијата беше поврзана со Анексот на договорот за продажба на ОКТА, при што дел од формирањето на цената на горивата се земаше предвид цената на Светските берзи на чистата бренд нафта и курсот на доларот во однос на еврото.
Изминативе месеци во Регулаторна комисија за енергетика се изработуваше новата методологија за определување на цената на нафтените деривати, во која што учествуваат претставници од најголемите трговски компании со нафта и нафтени деривати, ресорното министерство, но и од Министерството за финансии и останатите државни институции што се поврзани со овој ресор.

Досегашниот претседател на државата Ѓорге Иванов досега не го потпиша Законот за измени и дополнувања на Законот за енергетика, поради што се стави под знак прашалник дали навреме на 13 мај годинава ќе да може да стартува новата методологија за пресметка на горивата што се точат на домашните бензински пумпи. Претседателот на РК, Марко Бислимоски, за весникот „Вечер“ веќе појасни дека во овој вакуум период по автоматизам стартува либерализацијата на пазарот на нафтените деривати и секој трговец ќе си формира своја цена на бензините.
Но веднаш по победата новиот претседател Стево Пендаровски, кој треба да биде инаугуриран во недела на 12 мај годинава, посочи дека уште првиот работен ден тој ќе ги потпише сите закони кои што досега не беа потпишани од досегашниот претседател, а тоа го кочеше развојот на повеќе сектори во државата.

Што се однесува пак на евентуалните ценовни шокови, Бислимоски во неколку наврати посочи дека прерано е да се каже дали новата методологија ќе предизвика зголемување или намалување на цените. Тој реално не очекува дека ќе се предизвикаат одредени ценовни шокови.

Доколку пак се случи да има краток период либерализацијата на пазарот на нафтените деривати, тоа ќе значи дека секој трговец ќе има слобода во формирањето на неговата цена по која ќе го продава горивото. Тоа ќе значи дека секој трговец ќе си формира своја цена, но и своја маржа исто како што е во земјите од соседството Србија и Грција.

Во моментов трговската маржа за продажба на нафтените деривати изнесува 3,2 денари за литар, но дел од трговците веќе сметаат дека таа треба да се зголеми на нешто повеќе од шест денари. Во предвид ќе се земат и другите трошоци на трговците, како што е транспортот од пристаништата до резервоарите во кои трговците ги складираат нафтените деривати, но трошокот за пренесување од складиштето до бензинските пумпи.

(В.Ма.)