Поштарот носеше вреќи новогодишни честитки

145

Со вреќи носевме честитки. Вака рече за МИА поранешниот неготински поштар Илија Данов, кога деновиве го замолив да евоцира спомени од неговата поштарска работа. Ја тера осумдесеттата година од животот, но за среќа се уште е витален и со бистар ум, па разврзавме убав муабет во неготинската поштенска зграда. Во разговорот одвреме навреме ни се приклучија помлади поштари, така што можевме да направиме компарација за работата на еден поштар во минатото и сега.

-Пред повеќе децении, кога бев помлад, цели осум години работев како поштар. Други 16 години бев домаќин во поштата, па ги знам поштенските работи и во тоа време. Секоја година, некаде околу десетти декември, почнуваше новогодишната еуфорија и испраќањето и примањето на новогодишните честитки. Шпицот пак, навалицата со честитки, беше околу дваесетти во последниот месец од годината. Со вреќи носевме честитки. Нашите поштенски сандачиња ги празневме по неколку пати во текот на денот, рачно ги жигосувавме испратените честитки и писма од нашите сограѓани, ги сортиравме по региони и и ги упатувавме кон адресата напишана на нив, ја започна чичко Ило својата животна поштарска приказна.

Торбата на еден поштар во тоа време понекогаш можела да тежи и по петнаесет килограми, а можно било во еден ден и два пати да се наполни и испразни.

-Имаше денови ќе дојдевме во шест на работа, ќе поминевме неколку улици, па се враќавме по препорачани писма и испратници. Па повторно по улици до три четири часот попладне. Одевме ручавме дома, па пак се враќавме за да распоредиме пратки за наредниот ден. Немаше работно време, се одеше додека се видеше. Благодарни бевме и на шалтерските работници од тоа време, кои помагаа и ги празнеа сандачињата, ги жигосуваа писмата. Пред Нова Година беше работа од утро до мрак. Кога завршувавме на 31 декември, обавезно пијачка се даваше, за да се наздрави за успешно завршена работа. Дури понекогаш можеби и остануваше нешто малку честитки за по празникот. Се случуваше постарите да реагираат што честитките до внуците не стигнале навреме. Имаше еднаш еден реагираше, но немаше право бидејќи немаше напишано адреса, а како да му се достави кога на честитката имаше само име и презиме за тоа кому е упатена. Имаше такви поплаки, но неоправдани, дециден беше мојот соговорник.

Ми кажа дека секој поштар има добра кондиција. Коментирав дека пешачењето е еден вид рекреација, а рекреацијата е здравје и дека тие што не се движат доволно, се поболни од другите. На тоа, тој и неговите колеги одговорија дека активно и факултативно одење не е исто.

-По триесетина километри дневно сигурно поминувавме. Порано и многу списанија носевме. А броеви немаа сите куќи, па проблем беше тоа што многу товар носиш, а не знаеш каде да ги оставиш. Се изнаодев додека бев поштар, затоа сега двете колена ме болат, та носам бастун со мене кога се движам, рече тој, додека го задевав да го каже рецептот за долговечност, дали е тајната на убавата старост во редовната чорба, или можеби во умереното консумирање домашна тиквешка ж`та за здравје.

– Една до две чаши домашна ракија со мезе обавезно и сега практикувам дневно. На голо не пијам, кажа овој ведар човек. Насмевката не се симна од неговото лице ни кога го прашав кој најмногу се радуваше на неговите честитки како поштар. Особено што после неговиот искрен одговор дека на честитките најмногу се радувале и децата и старите, одделни колеги повторно дофрлуваа дека сепак најмногу му се радувале на поштарот, повеќе отколку на честитките. Потврди дека имало невести кои навистина се случувало да го бендисаат поштарот. Па се случувало поштар да има свои љубови, кои ги запознал покрај поштарската работа. Некои од домаќинките се случувало да ги бендисаат поштарите. Да се заљубат и едвам да чекаат да им се донесе писмо.

Љубов преку лист хартија

Освен што се уште се сеќава на кои адреси најмногу честитки оставал на времето, ги знае и најголемите љубови во градот.

-Имаше една голема љубов во Неготино, која и ден денес трае. Тогаш беа момче и девојка, сега се долги години во брак. Додека тој беше во војска, нејзе и испраќаше по две-три писма дневно. Тогаш бевме двајца доставувачи и морав да поминам голем пат, ама таму морав да поминам редовно. Редовно добивав кафе за благодарност и почит. Знам дека со многу љубов и воздишки беа пишувани и чекани тие писма. Таа љубов ми остана како убав спомен, тоа не беше љубов преку жица или интернет како денешните, туку преку лист и пишан збор, откри чичко Ило.

Имал безброј пријатели благодарение на работата како поштар и многу позитивни доживувања. Лошите спомени биле ретки, само еднаш еден поштар бил каснат, додека бркал кучиња.

-Едно пиво обавезно ќе дадат да се почастам кога ќе им однесев пензија. Имаше пензионерка, која, ако не беше дома кога ќе и однесев пензија и ако парите и ги дадев на нејзината снаа, знаеше да дојде во поштата и да даде абер на колегите, да ми го дадат бакшишот. Ми се случи, еден пензионер еднаш ми вика, ако не сум дома, нема ти што пензијата моја на снаата да и ја даваш. Носев пензија на околу 150 пензинери и на секоја месечна исплата имав бакшиш колку за да си купам еден пар чевли или панталони, се сеќаваше пензионираниот поштар.

Помлади колеги додадоа дека кога се давале пензии, многумина почастувале на времето бакшиш по некој денар во рамки на желба и можности, ама имало пензиониран директор кој на поштарот од неговиот реон му давал секогаш повеќе бакшиш отколку други пензионери на поштари од други делови, бидејќи најверојатно навистина имал многу голема пензија.

-Му велевме на колегата, не дај Боже кога ќе умре директорот и тебе во ужалените ќе те ставиме. А се случуваше кога е погоден, да даде и до сто евра бакшиш. Еве за тебе и за стариот поштар, ако е на одмор, така знаеше да каже дарежливиот директор во пензија, се вклучија во темата и помлади поштари од Данов.

Додека не направиме куќи на пензионери, не одиме во пензија

Но, имало и случаеви кога несакајќи, понекогаш и поради невнимание, самите поштари се случувало да исплатат повеќе пари отколку што треба, па да бидат во минус во работата и да треба да издвојат од сопствениот џеб за да го покријат тој минус при раздолжувањето во поштенската каса.

-Додека не направиме куќи на пензионери, не одиме во пензија. Така отсекогаш знаевме да кажеме на шега. Ќе се залепи некоја книжна банкнота на прстите и ќе се мавниш при броењето. Парата е како жива, бега. Не знае да се каже дека е згрешено. Ете и тоа се случуваше. Тие пари се надополнуваат од сопствениот џеб. Некои не кажуваат ако им дадеш повеќе пари отколку што треба, премолчуваат вишок кусур. Имаше и ретки чесни кои доаѓаа дури до поштата да го побараат тој и тој поштар оти ете се мавнал при броењето па им вратил повеќе пари. Доаѓаа за да му ги вратат. А ако им дадеш помалку по грешка, обавезно и одма реагираа, категоричен беше поштарот во пензија.

Во минатото, додаде, поштарите биле некако поблиски со луѓето од реоните во кои доставувале пратки.

-Тие беа наше секојдневие. Бевме сведоци и на нивните радости и на нивната тага и болка. Ги делевме заедно со нив и добрите и лошите моменти. За добра телеграма, за некоја убава вест, веднаш имаше честење и бакшиш. Војска кога одеше некој и ние бевме дарувани со пари, чорапи или слично. Ако се правеше свадба, не те пуштаат да поминеш без да бидеш почастен. Следуваше награда ако донесеш прво писмо од војник. За коледе, те даруваат со ореви. Но за жал, имаше и моменти кои никому не би ги посакал, тажни телеграми поради кои никој не остануваше рамнодушен, рече тој.

Се на се, заклучи, убаво било да се биде поштар.

-И покрај маките, да се носат пратки на пример лете на пеколно жешко. Па по изоден половина реон дома испотен се пресоблекуваш, продолжуваш, па пак мокор се враќаш. Порано викавме гласно “пошта”, сега им замерувам на овие деца, зошто не викате вие бе деца “поштаа”. Сега велат домаќинствата, ѕвончиња и поштенски сандачиња имаат, нагласи тој, додека другите присутни повторно ја свртеа на шега, па се коментираше околу тоа по колку пати сега тропа поштарот. Порано имало контакти повеќе, кога немало сандачиња, па можело да се види домаќинката или да се види поштарот. А тој, со позитивна енергија продолжи да се шегува, па се согласи дека во негово време домаќинка на пример можела да подзастане демек да истреси черга, колку да го види поштарот. Сега околу 90 проценти од домаќинствата имале поштенски сандачиња.

Контролорот Васка Ризова која во поштата има 37 години стаж , исто така се осврна на купиштата честитки во минатото, кога сите вработени помагале околу нивната распределба, без разлика на која позиција работат.

-Имаше толку многу честитки, што не можеа да ги носат поштарите. Ташните не ги собираа, па и ќеси носеа. Огромен број на пошта беше тоа. Неброени честитки стигнуваа во поштата, но и војнички пратки, разгледници, писма до непознати другарчиња, појасни таа.

Во друштво со актуелни поштари, дознавме дека сега многу поретко се праќаат честитки. Особено последните две три години, кога интернетот си го прави своето.

-Сега се носат решенија за данок, судски писма и казни, за наплата, не за радување. Покани за свадба не носиме, знаеме да кажеме на шега. Убави вести многу ретко носиме. Но затоа пак сега има многу кинески порачки по интернет, кои им ги носиме, тоа е актуелно веќе две три години, кажаа тие.

Убаво беше во нивно друштво, особено поради тоа што за цело време беа со позитивна енергија. Така го научив вицот за поштарот кој бил на лекар бидејќи имал проблеми со срцето. Тогаш докторот му рекол, денеска испод 10-15 километри не смееш да бидеш. Ама докторе, јас сум поштар, рекол човекот. Значи докторот се мавнал во дијагнозата. Наспроти тоа, тие споделија со мене и вистинска шеговита случка кога еден од поштарите во минатото посегнал по туѓи набрани ореви, ама наишле сопствениците па го натерале да ја испразни торбата.

Се осврнавме и на тоа дека поштарите се дел од улиците и дека многу пати околу поединци од нив се вртат чаршиски муабети и се плетат приказни кои се далеку од вистината. Но, исто така дека поштарите ги бие глас на љубовџии, па останала ете девизата дека поштарот секогаш чука три пати.

-Би бил неискрен ако речам дека немало поштарски љубовни афери, но ништо срамно и недостоинствено. Дека поштарите се љубовџии се има докажано, најверојатно има дел вистина и во тоа, но тоа е интима и не се навлегува во неа, нагласи Данов.

Ја слушнавме и приказната дека постари поштари сакајќи да задеваат свој млад колега, му рекле да не биде будала и сите честитки да ги носи по домовите, туку дел од нив да исфрли од мостот во реката, велејќи му дека и тие самите така имаат правено. Кога наводно залетал да го стори тоа, му кажале дека само си правеле мајтап со него. Но никој не знаеше да потврди дали е вистинска или измислена.

Честитките се мереа не во килограми, туку во кубици

Управникот на поштата, Љупчо Настов потврди дека навистина во минатото имало многу новогодишни честитки, неспоредливо со ситуацијата сега. Сега Нова Година се честита на мобилен и преку интернет.

-Ги меревме не во килограми, туку во кубици. Сега за жал нема толку честитки, тие се како изумрена категорија, се права реткост. Единствено се практикуваат во меѓународниот сообраќај, ако се има некој во странство. Но тоа не значи дека нема обем на работа. За среќа или не, честитките сега се заменети со друга форма на пратки, а тоа се овие најнепопуларните. Казни, даночни решенија, писма од извршители, судски писма, најразлични сметки кои треба да се платат. Кога ќе дојде поштарот, малку стресно делува, никој не очекува добра вест, секој очекува некоја нова давачка. И нашата професија не е како порано, да му се радуваат на оџачарот и на поштарот. Сега доставувачите станаа непожелните гости по домаќинствата. И кога ќе му однесеш казна, никој не вели елај кафе да се напиеш или бакшиш да ти дадам. Малку по друго се гледа веќе сега и на доставувачите. Меѓутоа обемот на работа е пак голем, информираше Настов за МИА.

Тој соопшти дека секојдневието на секој доставувач е обременето со 30 до 50 препорачани пратки на кои примачот мора да се потпише, на што се губи време, бидејќи не може туку така да се остават, тоа е лична достава. Во просек дневно има минимум стотина до петстотини пратки, а не се почитува и законската регулатива и не сите имаат сандачиња за испорака на пратки по домовите. Голем дел од улиците во нови населби не се нумерирани и немаат броеви. Се губи многу време при достава и на обичен материјал.

-Се трудиме да ги надминуваме тие проблеми. Од друга страна, платите се неатрактивни за луѓето да работат во пошта. Којзнае од кога нема униформиран и опремен доставувач. Порано редовно на определен период се добиваа комплет опрема и соодветни обувки. Сега секој работи со сопствена гардероба и ако не ја носи торбата, не можете да препознаете кој ви влегол во дворот. Имаме проблеми, но се трудиме најдобро што може, луѓето со право од нас бараат квалитетна достава. Мораме да го пратиме чекорот на времето, да се прилагодуваме кон тоа, категоричен беше управникот.