Почнува манифестацијата Трујчинденски Русински средби во беровско Русиново

65

Во беровското село Русиново вечер започнува манифестацијата Трујчинденски Русински средби. Целта на настанот, кој се организира неколку години по ред, како што велат од организацискиот одбор, е да се презентира традицијата за празникот Св.Троица преку настап на локални музички групи.

-Најубавите песни и ора од порано се произлезени од нашето село, затоа е и оваа средба. Сакаме тие песни и ора да ги претставиме тука, во Малешевијата, Македонија, а и пошироко. Имавме доставено повик за донации кој може и колку може да помогне за успешна организација на настанот, вели Васко Мадевски од село Русиново кој е дел од организацијата на настанот.

Трујчинденски Русински средби е настан во траење од три дена, завршува во понеделник кога е соборен ден во селото.

-Традиционалната слава во селото е на 5 јуни, понеделник, до кога ќе трае самата мафестација. За село Русиново може да кажеме дека е живо село, но како и секаде и овде е присутно иселувањето кое знаеме од кои причини се случува. Во моментот имаме некаде околу 2100 жители, иако до пред 15 години со 50 жители повеќе бевме пред градот Пехчево, додава Мадевски.

Порано ваков собир се организирал во месец август кога најголем дел од иселениците се присутни во селото, но поради сплет на околности како што додаваат, решиле да организираат посебна манифестација која секоја година ќе се одржува во очи празникот Св.Троица.

Настанот е поддржан од Општина Берово и локални спонзори и помагатели.