ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА СПОРТСКА САЛА НА ОУ „ВЕРА ЈОЦИЌ“

78

Во основното училиште „Вера Јоциќ“ во Хиподром, што се наоѓа на територијата на општината Гази Баба почна изградбата на новата спортска сала. На настанот со кој се означи почетокот на реализацијата на овој проект, присуствуваа градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и премиерот Зоран Заев.

Салата ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, со соблекувални и санитарни јазли, туш кабини и канцеларија за професорите, а ќе се протега на површина од 650 квадратни метри.

Учениците ќе можат да играат кошарка, одбојка, мал фудбал, ракомет, како и повеќето гимнастички спортови. Салата е енергетски ефикасна, а ќе има и пристап за лица со инвалидитет.

– Покрај современото и ново училиште што беше отворено пред 1 месец, учениците добиваат и училишна спортска сала која се очекува да биде готова идната пролет – изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Тој потенцираше дека со оваа капитална инвестиција Хиподром добива комплетен училиштен центар за децата од прво до деветто одделение на едно место и изрази благодарност до Владата, бидејќи е партнер  во реализацијата на капитални проекти, кои се од големо значење за граѓаните на општина Гази Баба.

Како што истакна Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, новата училишна спортска сала е дел од проектот на ова министерство  за изградба на 145 училишни спортски сали. Тој информираше дека досега 69 сали се изградени, од кои 49 во основното образование и 26 во средното образование.

Премиерот Заев истакна дека со изградбата на повеќефункционалната спортска сала се создава можност за спортување, клубовите овде ќе имаат можност да регрутираат нови спортски таленти, додека граѓаните ќе можат да се собираат на спортски натпревари и да се дружат.

(А.П.) – Фото: П.С.