Почна изведбата на велопаркинг под Транспортниот центар

285

Во рамките на Транспортниот центар, поконкретно делот кон улицата „Владимир Комаров“ и булеварот „Кузман Јосифовски Питу“, непосредно до влезот и паркингот за меѓуградската автобуската станица, почна реализацијата и партерното уредување на првонаграденото решение „Велоштад“, на повикот за дизајнирање на прототип на велосипедски паркинг што го распиша Центарот за иновации на Град Скопје „Скопје Лаб“.

Решението, „Велоштад“ е на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска кое доби награда, ваучер од 700 евра.

Решението нуди: простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема, простор за социјализација и одмор.

Освен тоа, со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

-Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“- изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение.

Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.

(А.П.)