Почна втората фаза од реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“

69

Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“, во општина Шуто Оризари. Обновата на вториот дел од оваа фреквентна сообраќајница е предвидено да заврши во рок од 50 дена.

– Како што ветивме минатата есен кога ја почнавме реконструкцијата на првата фаза од улицата „Индира Ганди“, оваа пролет ја почнуваме реконструкцијата на втората фаза и тоа во должина од 800 метри. На потегот од улицата „Бутелски венец“ до улицата „Нов живот“ ќе биде заменет стариот асфалт, оштетените рабници, а ќе бидат реконструирани и тротоарите. Инвестицијата на Градот Скопје во овој проект изнесува околу 13,5 милиони денари со ДДВ – изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи.

Тој нагласи дека во текот на реконструкцијата на оваа делница, во овој дел од градот ќе биде воведен привремен сообраќаен режим.

– Ги замолувам граѓаните за разбирање и за почитување на тој привремен сообраќаен режим, се со цел што е можно побрзо да завршиме со реконструкцијата на оваа улица која повеќе од 30 години не е санирана. Градот Скопје вложува во сите делови од градот зашто за нас сите граѓани се исти и имаат исти потреби од добра инфраструктура. На почетокот на оваа пролет, кога ќе почне сезоната за садење, овде ќе подигнеме и нов парк. Тоа ќе биде прв парк кој што ќе го уреди Градот Скопје во Шуто Оризари за потребите на граѓаните – најави Шилегов.