Почна вонредниот отстрел на диви свињи

35

За да се спречи појавата на африканска чума, почна вонредниот отстрел на дивите свињи за кој и официјално беше донесено Решение на први август годинава од страна на Министерството за земјоделство.
Отстрелот, како што информира директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, почна во некои од ловиштата, а по топлотниот бран што ја зафати земјава, ќе продолжи и во останатите.
Ловџиите, пак, најавија дека од МЗШВ ќе побараат да бидат изземени од забраната за движење во шума за да можат да се вклучат во акцијата за вонреден отстрел на диви свињи.
-Со оваа превентивна мерка ќе се намали популацијата на диви свињи кои лесно може да ја пренесат болеста и во нашата земја. Според податоците, бројот на диви свињи во земјава е трипати поголем отколку што треба, рече Атанасов.
Од заловените диви свињи, повтори, ќе се земаат мостри, а ако се утврди присуство на африканска чума, тие веднаш ќе бидат нештетно уништени.
Поради опасноста од ширење на болеста, Анастасов апелира малите одгледувачи ако имаат можност да ги заколат свињите во кланиците, а месото да го стават во фрижидер или да ги дадат свињите во месната индустрија.
Претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски оцени дека работата е многу сериозна и треба брзо, превентивно да се дејствува на терен. Сите засегнати страни треба да направат заеднички напори и да ги преземат сите мерки за да се спречи појавата на болеста.
Африканска чума има во Бугарија, а од вчера и во Србија.