Повеќе од две години дилерите на половни автомобили ги триеја рацете од среќа, а сега ситуацијата се менува. Вакви се најавите од најважниот светски пазар, САД, кој сепак диктира трендови во речиси се.
Со пандемијата на коронавирус, понудата на нови возила се намали поради проблеми со снабдувањето со чипови, па половните возила почнаа да поскапуваат до невидени нивоа – некои стари автомобили беа поскапи од новите автомобили.
„Њујорк тајмс“ пишува дека цените на користените возила сега паѓаат, односно пазарот се нормализира, со драматичната криза на големите трговци на мало како што е „Карвана“. Во последниот квартал од минатата година „Карвана“ имала загуба од 500 милиони долари и отпуштила 4.000 вработени, пишува ревијата ХАК.
Вредноста на користените возила во САД минатата година падна за 14 отсто, а годинава ќе падне за уште 4 отсто.
Причини? Американците купуваат помалку користени автомобили поради стравувањата од рецесија и зголемувањето на каматните стапки на заемите. Каматите пораснаа поради спречување на инфлацијата, како што знаат и економистите- почетници. Американските трендови обично се значајни и за европскиот пазар, па заинтересираните потрошувачи очекуваат да видат какво ќе биде влијанието на Стариот континент.